Изјавата на австралискиот пратеник Симпкинс е „површна и провокативна“ и прашањето за името „нема никаква врска со политика и дипломатски признанија: тоа е антрополошко и етнографско“, рече Анастасиос Тамис, претседател на австралискиот институт за македонски студии.
Пратеникот од Перт Лук Симпкинс пред неколку дена во говор во австралискиот Парламент ги обвини австралиските влади дека имаат „пристрасна“ позиција во однос на името на Македонија, а за грчката Влада рече дека „поддржана од австралискиот став, поттикнува нестабилност на Балканот“.
Алудирајќи на ставот на Австралија за прашањето за името, Симпкинс рече дека „неуспехот на федералните влади да ја нарекуваат Република Македонија под нејзиното уставно име“, е затоа што „двете партии стравуваат дека одлука во корист на Скопје ќе ја поттикне австралиската грчка заедница да гласа против оној што ќе ја направи таа промена“.
Според него, „трагично е тоа што буквално неколку националисти можат да имаат толку моќ да ја контролираат надворешната политика“ на Австралија.
Во реакција за весникот на австралиските Грци „Неос Космос“, грчкиот професор Тамис вели дека „Грците како народ и во Грција и пет милиони од дијаспората, никогаш нема да ги компромитираат нивните историски и културни права како македонски Хелени, па оттука и името на Македонија секогаш ќе остане добро вкоренето во нивната историја“.
– Целото население од 550 илјади австралиски Грци се посветени љубители на наследството на грчка Македонија и никогаш нема да го компромитираат нивниот патриотизам да му понудат на друг народ за еднострана употреба, име што е цврсто поврзано со нивниот национален идентитет и потврдено со нивната историја и култура во последните три илјади години, изјави Тамис.
Според него, „апсурдно и погрешно е да се тврди дека само една мала група грчки националисти се заинтересирани и чувствителни за прашањето на Македонија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.