Бугарскиот историчар Божидар Димитров, познат по своите антимакедонски ставови, за тамошните медиуми ги оцени резултатите на локалните избори во Македонија како поддршка за договорот за добрососедство со Бугарија.
Според донеодамнешниот директор на Националниот историски музеј од Софија, токму договорот меѓу Македонија и Бугарија му пресудил на ВМРО-ДПМНЕ како негов остар критикувач. Тој очекувал партијата да освои 70-80 проценти од гласовите и е многу изненаден што владеачката СДСМ освои апсолутно мнозинство.
-Тоа покажува дека таканаречените Македонци му поверуваа на господинот Заев и оти зближувањето со Бугарија наиде на поддршка кај населението во Македонија, што е многу радосно за нас. Ова значи дека со измислувањето и со туркањето со насилство и со безброј фалсификати на политичката идеја на македонизмот е завршено. И започнува неговото бавно или побрзо демонтирање. Искрено, не очекував да го доживеам тој момент, изјави Димитров.
За контроверзниот поранешен политичар, и „признавањето на бугарското малцинство во Албанија ден пред гласањето во Македонија им помогна на избирачите да се ориентираат“.
Димитров побара и поревносно издавање бугарски пасоши, повикувајќи се на праксата на Германија, на Романија и на Унгарија, кои годишно даваат по околу половина милион државјанства, наспроти Бугарија со пет-шест илјади секоја година.
-Изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев дека Бугарите и Македонците се еден ист народ одговара на историската вистина. Тој рече нешто што реков дека порано или подоцна ќе се случи. Заев е актуелен македонски политичар, а не во оставка како Љубчо Георгиевски, кој изјави дека македонскиот и бугарскиот народ се едно и исто нешто, рече историчарот.
Односно нема разлика меѓу Бугари и Македонци. Очекував тоа да стане, но не знаев кога. Се надевам дека ова е сигнал за повик за будење на многу македонски политичари кои ќе добијат храброст и ќе признаат нешто што и во приватни разговори со мене го правеле, но не смеат да го објават “, објасни проф. Димитров.
–Лошото е дека овие сведоштва се во еден момент на забрзана албанизација на Македонија и на земањето на се поголеми територии од растечкото албанско население и присуството на политички партии, без кои не може да се направи влада. А, тие имаат многу сурови барања кон своите потенцијални партнери од страна на двете македонски партии. Изјавата е точна и одговара на историската вистина, додаде тој
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.