Опрема за нелегален мобилен оператор преку кој бил реализиран меѓународен мобилен сообраќај на црно беше откриена во стан во Гостивар, соопшти Министерството за внатрешни работи. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, ја реализираше криминалистичката обработка „Сим бокс“, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „Компјутерска измама“, а се однесува за злоупотреба на СИМ-картички и незаконско детерминирање на меѓународен мобилен телефонски сообраќај.
Просториите каде е откриена опремата се во сопственост на 42 годишно лице од Гостивар кое во моментот не било присутно во станот. Од извршениот претрес, пронајдена е и одземена софистицирана техничка опрема која се користела за нелегална интерконекција за мобилен сообраќај кон голем број странски држави.
Пронајдени се четири сервера, компјутер за контрола на реализираниот сообраќај, повеќе од 40.000 СИМ-картички од мобилни оператори од цел свет, од кои најголем број се на мобилни оператори кои функционираат во соседните држави ( Србија, Босна; Хрватска, Словенија, Албанија и Косово ) и документација за набавка на споменатата опрема и финансиски пресметки за остварен нелегален меѓународен телефонски сообраќај.
Во моментот на претрес, споменатата опремата беше во функција и од истата се вршеше незаконито детерминирање на меѓународен телефонски сообраќај кон Србија.
По извршените дополнителни проверки, ќе биде изготвен соодветен поднесок до надлежното Јавно обвинителство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.