Како невистинит и тенденциозен од голем дел на македонската јавност е оценет документарниот прилог под наслов „Македонија зад фасадата“ кој во средата вечер беше емитуван на телевизијата „Ал Џезира Балкан“ а во кој се зборуваше за актуелните политички превирања, но и на меѓуетничките и меѓуверските корелации во земјава.
Таквото мислење го споделуваат и повеќемина домашни аналитичари, кои отворено се спротивставија на голем дел од тезите искажани во документарниот прилог. Во прилогот свои изјави даваат и член на опозицијата, медиумски работник, претставници од невладиниот сектор, претставник од коалицискиот партнер од албанскиот блок во владејачкото мнозинство во земјава, како и еден член на некогашната паравоена УЧК.
Меѓу настаните кои се спомнати е и случајот „Монструм“, поврзан со повеќекратното убиство кај Смилковското езеро, како и демонстрациите кои се случија по донесувањето на пресудата во последователниот судски процес. Според аналитичари, сликата која е дадена за Македонија е дека земјава се наоѓа во состојба на воен судир, при што се нагласува, наводно, изразено постоење на етнички и верски тензии.
Политикологот Владимир Божиновски категорично стои на ставот дека прилогот е антидржавен.
– Тоа не е ниту проопозициски, ниту антивладин, туку антидржавен прилог. Тоа наликува на една класична пропаганда, која се применува во ситуации кога една земја е завојувана со друга земја. Од првата, до последната реченица, нема никаква објективност. Разбирам ако нешто е проопозициски настроено, во ред е да се искаже мислење, став кој не ја поддржува власта, но тоа што е таму прикажано е класична пропаганда против државата Македонија – вели Божиновски.
Тој додава дека луѓе, кои не ги познаваат состојбите во Македонија, после еден таков прилог можат да добијат мислење дека земјава, како што вели, е буквално во војна.
– Два-три прилози од ваков тип можат комотно да предизвикаат меѓуетнички и меѓуверски тензии. Насила се нарушува вековната коегзистенција меѓу христијанското и муслиманското население на овие простори – истакнува Божиновски, кој повикува телевизијата да даде објснување за целите од емитувањето на еден таков прилог.
Во однос на соговорниците кои од Македонија се вклучени во емисијата, Божиновски вели дека треба самите да се оградат од тој прилог.
– Тие самите треба да се оградат од прилогот, зашто очигледно биле искористени за одредени цели кои не се ништо друго, освен антидржавни – нагласува Божиновски.
Со сличен став е и медиумскиот работник и аналитичар Цветин Чилиманов, кој вели дека не е првпат „Ал Џезира“ да известува, како што нагласува, на неодговорен начин од Македонија.
– Ова не и е првпат на „Ал Џезира“ на ваков, крајно неодговорен начин да известува од Македонија. Неколку дена по убиствата кај Смилковско езеро, од „Ал Џезира“ исто така имаа репортажа која по својата содржина беше еднакво неодговорна, подгреваше омраза и промовираше теории на заговор околу убиствата – вели Чилиманов.
Тој додава дека прилози од таков тип се опасни и можат да предизвикаат етнички и верски конфликти.
– Оваа нова репортажа на „Ал Џезира“ е добар потсетник на онаа стара, опасна новинарска школа од поранешна Југославија, каде медиумите поттикнуваа етнички и верски конфликти, промовира теорија на загрозеност на една етничка и верска група од друга, и придонесоа кон крвавиот распад на таа земја – објаснува Чилиманов.
Тој се осврнува на неколку дела од прилогот.
– Драматичниот начин на кој „Ал Џезира“ се обидува да претстави, без какви било посериозни докази, дека една етничка зедница во Македонија се соочува со напади, мавтајќи со крвава маица пред екранот и создавајќи целосно лажна слика за положбата на Албанците во Македонија, не може да има друга цел освен да поттикне омраза и насилство – вели Чилиманов и додава дека „Ал Џезира“ воедно промовира теорија на заговор за трагичната смрт на омилен македонски новинар, повторно без да изнесе каква било поткрепа или аргументација за тоа што го тврди.
Чилиманов нагласува дека телевизијата го искористува проектот Скопје 2014, за, како што вели, да промовира поделби, омраза и оправдување на насилство, во што, како што нагласува, „мора да се признае, добива помош и од македонски колеги, новинари и политички активисти, чие однесување е и најразочарувачкиот дел од целата репортажа“.
– Конечно, давањето простор на човек од Косово кој очигледно страда од виетнамски синдром и чува граната на својата маса, да му се дозволи да мавта со мапа на голема Албанија и да упатува закани, тоа ги надминува сите граници на сериозно и добронамерно новинарско известување и информирање, и станува обична пропагандна алатка – вели Чилиманов.
Медиумскиот аналитичар го спомнува и влијанието на телевизијата врз политичките текови.
– На крај телевизијата „Ал Џезира“ е позната по тоа што сака да биде политички фактор во земјите од каде известува и каде што е гледана. Судејќи според квалитетот на овој прилог, драго ми е што Македонија не е една од тие земји каде „Ал Џезира“ има некакво влијание – заклучува Чилиманов.
Извор: Телеграф
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





