– Русија побара од Германија и Франција активно да се вклучат во безусловно спроведување на договорите од Минск – изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Тој, исто така, нагласи дека поднесениот предлог-закон во украинскиот Парламент од страна на претседателот Петро Порошенко за специјален статус на Донбас претставува „драстично отстапување од Минските договори“.
Предлог-законот за измени во украинскиот закон за специјален политички и економски статус на „некои реони од Доњецката и Луганската област“, контролирани од проруските сепаратисти, предвидува „специјалниот поредок на локалното самоуправување“ да биде имплементиран само од локални органи избрани на предвремени избори.
– Донбас ќе има специјален статус само по одржување на локални избори – се наведува во текстот на документот поднесен во Врховната рада од претседателот Петро Порошенко.
Договорите од Минск предвидуваат локални избори според украинското законодавство, но и специјален статус на некои реони од областите Доњецк и Луганск, како и реформи на Уставот и децентрализација на власта. Врховната рада требаше до 14 март да ги утврди реоните со специјален статус, но тоа се уште не е усвоено.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.