Советникот во Белата куќа за национална безбедност Х.Р. Мекмастер имаше тешка задача да објасни „што тоа“ Доналд Трамп му рекол на Сергеј Лавров.
Некогашниот генерал се појави пред медиумите за да одговори на прашањето дали американскиот претседател ја загрозил безбедноста на САД со давање на доверливи информации на шефот на руската дипломатија при скорешната средба во Вашингтон.
-Никој од нас не почувствува дека тој разговор е несоодветно. Се она што претседателот го дискутираше со министерот за надворешни работи беше соодветно во целост. На разговорот присуствувавме и јас и државниот секретар Рекс Тилерсон и заменикот советник за национална безбедносна стратегија Дина Пауел- посочи Мекмастер.
Тој ги негираше медиумските цитати дека во моментот на „размена на доверливи информации“ во кабинетот биле само Трамп, Лавров и рускиот амбасадор во САД.
-Останувам на претходно кажаното, каде наведов дека немаше дискусија за разузнавачки извори или методи. Претседателот не откри ниту една воена операција за која што јавноста не е запознаена. Бев таму во таа соба и тоа не се случи- додаде генералот, според кој, како се пренесува , Трамп не ни знае од каде доаѓаат разузнавачките податоци ниту е информиран за изворите и методите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.