| четврток, 6 декември 2018 |

Собранието го донесе Законот за просторно и урбанистичко планирање

закон

Пратениците на денешната 39. седница ги усвоија и измените и дополнувањата на Законот за просторно и урбанистичко планирање, по скратена постапка.

Причина за носење на законот, појасни еден од предлагачите, пратеничката Лилјана Затуроска,  е потребата од доуредување на постапката за усвојување на планската документација кога во планскиот опфат има градби со намена здравствена заштита, социјална заштита и групно домување во функција на образование. Со предложените решенија, според неа, ќе се овозможи дополнителна проверка на почитувањето на стандардите и нормативите во постапката за носење планска документација во случаи кога предмет на планирање се градби со намена здравствена заштита, социјална заштита, образование и групно домување во функција на образование.

Со законот се врши допрецизирање на графичкиот дел од деталните урбанистички планови и се предвидува наместо без определени градежни линии да биде со определени градежни линии. Се утврдува податоци и информации при изработка на урбанистички планови, урбанистичко плански документации и урбанистичко-проектни документации да се бараат и од органот надлежен за социјална заштита.

Според Олга Најденовска пратеник од ВМРО – ДПМНЕ, со законските измени, меѓу другото, се бара мислење за конечен предлог на урбанистички план и од органите надлежни за здравствената и за социјалната заштита и за образованието.

Пратеничката Лилјана Поповска се изјасни дека нема да гласа за овие законски измени затоа што смета дека најпрво треба да се донесе закон за зеленило. – Се зборува за многу прашања во овој закон. Видовме премногу пренамена на градби и лесно интервенирање во урбанистичките планови досега. Се работи само за натамошно олеснување на инвеститорите да прават што сакаат со нашиот простор – рече Поповска.

За пратеникот Рамиз Мерко кога се говори за градежно земјиште и урбанистичко планирање, секогаш произлегуваат сомнежи, а неговото искуство како градоначалник, рече, покажува дека постои голем интерес за донесување детални урбанистички планови, затоа што тоа е голема потреба на целата држава, на сите институции, на бизнисот и на сите граѓани. Според него, најголемиот хаос е во непочитување на градежните линии или нивото на градење согласно ДУП.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top