Во вашите предизборни настапи ги истакнувате подобрените условите за учење во општина Центар. Во однос на инвестициите во образованието, што предвидувате околу информатичката писменост како гаранција за конкурентност и полесно идно вработување?
-Учениците во општината Центар од најрана возраст се служат со компјутери како алатка во наставните програми. Општина Центар знае дека вложувањата во образованието е вложување во иднината, во нивно формирање како здрави личности подготвени за современите предизвици.И во иднина општина Центар ќе се стреми кон тоа локалните образовни институции да станат побезбедни преку дисциплинирана средина во која учениците ќе доаѓаат со задоволство, а наставата ќе биде современа, ефикасна и квалитетна. Затоа континуирано ќе се усовршува и наставниот кадар за одржување на партнерскиот однос со семејството на ученикот, како и меѓусебното почитување и примената на принципот за заемно почитување и толеранција. Oсновни приоритети на Е во областа на образованието се осовременување и унапредување на квалитетот на воспитно- образовниот процес. Со тоа се создаваат идни кадри конкурентни на пазарот на трудот како здрави психофизички личности. Со спроведената децентрализација, основните приоритети од областа на образованието ќе бидат поттик за спроведување и на локално ниво.
Во таа насока важни се и инфраструктурните зафати. Меѓу најважните проекти накратко би ги споменал изградба на ново основно училиште во Капиштец. Со поддршка од Владата, општината Центар ќе изгради ново основно училиште за да се подобрат условите за образование на жителите од оваа населба, чии што деца посетуваат настава во околните училишта.Предвидени се и подновувања на средни и на основни училишта со средства обезбедени од Банката за развој при Совет на Европа и од Владата. Со овој проект Општина Центар и ВМРО-ДПМНЕ предвидува реконструкција на СУ „Панче Караѓозов“, како и доградба и проширување на СОУ „ММ – Брицо“. Воедно, ќе се подобрат и образовните активности и квалитетот на образовната програма.
Развојот на културата, односно зачувувањето и негувањето на културните вредности се меѓу важните сегменти во културниот идентитет на секој народ. Кои активности се предвидени за унапредување на културното живеење на граѓаните?
-Зачувувањето и негувањето на културните вредности е голем предизвик и поттик за што поголемо ангажирање на локално ниво. Во соработка со Владата и „Конзерваторски центар“ – Скопје ќе се обноват и конзервираат повеќе фасади на објекти, прогласени за заштитено културно наследство во Скопје. Со тоа ќе се зачува автентичноста на старата градска архитектура. Заедно со Министерството за култура ќе се возобнови црквата „Св. Никола“ од 19 век во долно Водно, со што ќе се реализира уште еден значаен проект од областа на културното наследство.
Исто така на неколку локации во општината поставени се информaтивни табли и патокази за сите културно- историски знаменитости во општина Центар. Планирани се локации за млади уметници, за вајари, сликари, графичари, графички дизајнери од Општина Центар на отворено за да се развие нивниот потенцијал и уметничка креативност.
Паркирањето во Општина Центар беше сериозен проблем, секојдневна пречка и за жителите на општината, но и за сите тие што дневно престојуваат на нејзина територија. Кои чекори вие како идна локална власт би ги превземале за надминување на овој проблем?
-Планирани се повеќе мерки од кои дел се фокусирани на овозможување непречено паркирање за жителите со паркинг- места околу станбените објекти, а дел од мерките се фокусирани на подобрување на паркирањето на дневните резиденти во општината, пред сè со изградба на катни гаражи. Општината презема мерки за инвестирање за изградба на катни гаражи што самата ќе ги управува, но и за урбанизација на земјиштето за изградба на катни гаражи од Град Скопје и на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и со деловен простор од интерес за државата. Исто така, Општината, во соработка со Владата и со Министерството за транспорт и врски, преку урбанизација на парцели и продажба на градежно неизградено земјиште овозможи изградба на катни гаражи од приватниот сектор. Општината изгради една катна гаража со 500 паркинг- места кај судска палата, а приватни инвеститори изградија две катни гаражи со околу 400 паркинг места, зад Универзитетска библиотека и зад Универзална сала. Само со изградбата на веќе почнатите катни гаражи во општина Центар ќе има најмалку 4.400 дополнителни паркиралишта, со што ќе се ослободат од паркирани возила улиците, тротоарите и на јавните површини во Центар. Покрај катните гаражи, беше изградено и едно монтажно паркиралиште во Капиштец.
Сега како нова општинска власт остануваат да се реализираат планираните проекти: Изградба на монтажен паркинг на две нивоа во Капиштец, кај пицеријата „Балила“, дополнителен монтажен паркинг на две нивоа на локација што дополнително ќе се утврди, потоа довршување на катните гаражи кај Нова Македонија, потоа на улица „Даме Груев“, на улицата „Св. Кирил и Методиј“. Со тие проекти ќе се добијат над 1300 нови паркинг- места. Во соработка со АДССДП ќе се доизградат катната гаража кај Работнички дом и кај Музејот на холокаустот. Приватни инвеститори, пак, ќе изградат катни гаражи во Маџир маало, зад стариот трговски во Капиштец, кај МЕПСО, покрај Вардар, во близина на Американската Амбасада, потоа спроти „Бристол“, кај ГТЦ, подземен паркинг на булевар „Климент Охридски“,во Градски парк. Ова се само дел од планираните проекти во таа насока.
Кои се значајни проекти во однос на сообраќајот во Општина Центар?
-Според програмата што ние како кандидати за советници ја промовираме заедно со кандидатот за Градоначалник, планирано е да се изврши проширување и реконструкција на улицата „Павел Шатев“ (поранешна „Бихаќка“), со што ќе се добие модерен булевар по сите стандарди, за што евидентни се позитивните реакции од граѓаните. За одбележување епроектот кој наидува на големо одобрување кај граѓаните е тоа што со Градот Скопје, во соработка со Владата, ќе изгради подземна сообраќајница од Комплекс банки до зградата на Владата. Со проектот се предвидува на двата влеза на подземната сообраќајница да се изградат кружни крстосници, со што значително ќе се реши сообраќајниот метеж во централното градско подрачје. Исто така, предвидено е и да се изврши проширување на улицата „Даме Груев“, како и изградба на модерен булевар со четири сообраќајни ленти од ТЦ „Палома бјанка“ до Собранието на Република Македонија. Со реализацијата на овој проект ќе се формира соодветно сообраќајно решение за „Малиот ринг“ и ќе се отвори можност за претворање на улицата „Димитрија Чуповски“ во пешачка зона. За да се избегне сообраќајниот метеж, ние како идни советници ќе дадеме силна поддршка за да се изгради нова кружна крстосница кај поранешниот објект на „Нова Македонија“, како и кружна крстосница на две нивоа на булеварот „Кочо Рацин“, до влезот на новата подземна сообраќајница, која треба да се изгради во близина на ТЦ „Рамстор“. Ќе се изврши реконструкција на улица „Јордан Мијалков“ (поранешна „Железничка“), а ние како Совет ќе вложиме дополнителни напори за реконструкција на улица „Железничка“, која се наоѓа зад ТЦ „Рамстор“.
Што е тоа што го прифативте како барање на граѓаните да го реализирате во вашиот мандат?
-Младата популација која активно се занимава со урбаните екстремни спортови, побара а Општина Центар ќе изгради скејт-парк со сите потребни содржини. Во насока на континуирана грижа за создавање здрави навики на учениците ке бидат ангажирани нутриционисти за изработка на мени со здрава храна во сите основни училишта, а притоа ќе продолжи практиката за редовни контроли од Институтот за јавно здравје. Одличен предлог на граѓаните е и организирање летни и зимски едукативни училишта за престој на учениците со воннаставни забавно- едукативни активности за време на зимскиот и на летниот распуст, каде што покрај згрижување, учениците ќе имаат можност да посетуваат работилници во согласност со нивните потреби и интереси и со нивниот талент. За најмладата популација во општина Центар, во соработка со приватен партнер, на неколку локации ќе се организираат летни игротеки со современи реквизити.
Во однос на туризмот, за полесен пристап до информации за туристичките атракции во Општина Центар, ќе се изработи апликација со детални информации за нив, како и ќе се организираат туристички тури со посета на културни и на историски знаменитости во реонот на општина Центар со електрични трицикли и професионални туристички водачи, ангажирани од Општина Центар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


