-На 24. март треба да гласаме за број 19 Сокол Митревски и за број 4 Методија Наковски, носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ за кандидати за членови на Советот, што ќе биде партнер на градоначалникот во реализација на неговите проекти, рече лидерот на ВМРО – ДПМНЕ и премиер Никола Груевски на митингот на коалицијата „За подобра Македонија“ што се одржа во општина Ѓорче Петров.
Сокол Митревски, кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров од ВМРО – ДПМНЕ, истакна Груевски, прецизно и ефикасно го заврши претходниот мандат и направи многу работи и бидете цврсто уверени дека се што сега е ветено ќе биде остварено во наредниот период. Затоа, рече, заслужува нов мандат, затоа што на Ѓорче му требаат луѓе кои ќе продолжат да работат со силно темпо да создаваат дела, да градат и да се грижат за луѓето што живеат тука.
– Оваа политичка гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ не ветува се и сешто, туку многу е внимателна при ветувањата. Тоа што ќе го вети се остварува, но тоа е реално осмислено и е реален приоритет на општината, рече лидерот на партијата, додавајќи оти над 85 отсто од програмите на Сокол Митревски и на Коце Трајановски се реализирани, но што е важно реализирани се и проекти кои не биле ветени, а сепак биле остварени, што е една од основните карактеристики на ВМРО-ДПМНЕ.
Противкандидатот на Сокол Митревски од СДСМ, како што рече, е се уште политички незрел и не сфаќа оти не може по 22 години некој да го лаже народот со нереални проекти и ветувања.
– СДСМ во последните денови почнаа и ќе продолжат да вршат максимален обид да се спасат од поразот и да ги прогласат изборите за нелегитимни, не фер и недемократски и сето тоа само да се спаси кариерата на Бранко Црвенковски и тој во недела вечер да не каже дека изгубил туку оти тоа било нешто нерегуларно, режим, тиранија…, нагласи Груевски. Според него, ВМРО – ДПМНЕ има далеку поголема поддршка од народот за разлика од СДСМ.
Груевски потсети дека ЕУ четврта година по ред ни дава најпозитивен извештај за напредокот на земјата и дава препорака до Европскиот Совет без одлагање да се започнат преговорите со Република Македонија, а единствената пречка за тоа е проблемот со нашиот јужен сосед. Додека СДСМ беше на власт, подвлече, ниту имавме препорака за почеток на преговори, ниту позитивни извештаи како сега, ниту визна либерализација за граѓаните да можат слободно да патуваат. Ги спомена субвенциите за земјоделците, зголемувањето на социјалната помош, на пензиите, намалувањето на цените на лековите…
– За каква тоа тиранија и режим говори Црвенковски ако веќе од 2008 година НАТО прогласи дека Македонија е целосно подготвена да стане членка и чека единствено да се реши прашањето со јужниот сосед, истакна Груевски. Тој оцени дека Црвенковски не е тој што треба да говори за сиромаштијата и невработеноста, затоа што, како што рече, тој создаде над 200 илјади стечајци, тој направи криминални закони за приватизација и остави 38 проценти невработеност.
– Немам дилема дека на 24. март ќе победиме, ќе победи чесноста, квалитетот и здравиот македонски патриотизам, нагласи Сокол Митревски, кандидатот за градоначалник на општина Ѓорче Петров од коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО – ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


