| четврток, 6 декември 2018 |

Долче и Габана го разлутија Елтон Џон

Познатите италијански модни дизајнери Долче и Габана го осудија повикот на Елтон Џон за бојкот на нивните модели, нагласувајќи дека имаат право на слободно изразување на нивните лични видувања.

Јавната расправија меѓу британската пејачка ѕвезда и двајцата Италијанци, кои 23 години не беа само парнери во работата, туку и во приватниот живот, се до 2005 година, настана откако Доменико Долче (56) и Стефано Габана (52) во интервју за италијанскиот неделник „Панорама“ изјавија дека се против усвојувањето деца од страна на хомосексуалните двојки.

– Децата родени од сперма избрана од каталог, за мене се синтетички, рече Долче, додавајќи дека за него децата родени со ИВФ методата не се еднакви со оние родени по природен пат од татко и мајка.

Изјавата на познатиот италијански моден креатор предизвика бурна реакција на Елтон Џон, кој со својот сопруг Дејвид Фарниш има два сина родени со помош на сурогат мајка.

– Како вие двајцата се осмелувате моите две деца да ги наречете синтетички. Како не ви е срам да и судите на ИВФ методата со чија помош многу мажи и жени и геј двојки може да станат родители и да имаат деца, гневно им порача британскиот музичар на Долче и на Габана.

Во својот одговор, Габана вели дека тој и Долче веруваат во демократијата, во слободата на изразување и кажување на сопственото мислење, во слободата и во љубовта.

– Станува збор за наше видување и за наше мислење за таа работа. Ние никому не му судиме за она што го направил или што сака да го направи, возврати во одговорот Габана.

Доменико Долче објасни дека тој е Сицилијанец и потекнува од традиционално семејство со многу деца, сите родени од врската на неговите родители.

– Свесен сум за тоа дека има друг вид семејства, но моите претстави за семејство и за искуството од семејниот живот, имаат сосема поинаков изглед и тие потекнуваат од моето детство и од семејството во кое израснав, му порача Долче на британскиот поп-пејач и музичар Елтон Џон, кој е силен застапник на правото геј двојките да може да имаат деца со помош на сурогат мајки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top