Педесет стихозбирки кои се наградени со „Браќа Миладиновци“ – признанието што половина век го доделуваат Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, од денеска се достапни во електронска форма. Нив ги објави библиотеката во Скопје која речиси 70 години го носи името на струшките браќа преродбеници.
Од првата наградена збирка поезија – „Рамноденица“ на Матеја Матевски во 1963, до минатогодишната – „Основите на небото“ на Милош Линдро, 50 изданија од 39 поети содржи електронската едиција која библиотеката „Браќа Миладиновци“ ја промовираше денеска. Таа е достапна и на интернет-страницата на установата www.gbiblsk.edu.mk.
Првите дигитални примероци им беа врачени на живите добитници или на наследници на авторите што присуствуваа на свеченоста, која е и продолжение на двата јубилеја од изминатите две години – 150 години од појавата на Зборникот на народни умотворби на Димитрија и Константин Миладинов (1861) и од нивната смрт во Цариград (1862).
Едицијата во изминатите девет месеци ја подготвија четири вработени во Одделот за дигитализација на библиотеката „Браќа Миладиновци“. Директорот Бранко Цветкоски истакна дека е повеќекратен ефектот од современото, електронско пласирање на книгите, зашто пристапот е полесен и побрз од кое било место и оти изданијата ќе може да ги користат сите институции од културата и образованието.
Добитници на поетската награда се сите бардови на македонскиот стих, како Матевски, Тодоровски, Поповски, Андреевски, Конески, Шопов…, некои ја добиле повеќе од еднаш, меѓу 39-те добитници се и пет поетеси, како и млади автори кои не биле родени кога наградата била востановена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.