Вечерва, 15 март во 20 часот на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) е премиерата на „Вујко Вања“ на Антон Павлович Чехов, а во режија на Зоја Бузалковска.
Актерската екипа ја сочинуваат Владо Јовановски, Никола Ристановски, Сашка К. Димитровска, Дарја Ризова, Благој Чоревски, Љупка Џундева, Катина Иванова и Нино Леви.
Од кастингот се забележува дека актерската екипа е вниматлно одбрана, а освен „домашните“ актери од МНТ, во претставаат гостуваат Чоревски и доајенката на македонското глумиште Љупка Џундева, која по пауза од речиси една деценија повторно ќе игра на штиците што значат живот.
– Откако почнав да се занимавам со театар мечтаам за „Вујко Вања“. Пресреќна сум бидејќи се поставува на оваа сцена, на националниот театар. Со поголемиот дел од актерската екипа првпат соработувам – изјави режисерката Бузалковска.
Според неа, Чехов е еден од оние автори кои се секогаш актуелни.
„Вујко Вања“ е приказ на луѓето полни со емоционални фрустрации или како што вели авторот „луѓе кои залудно го потрошиле животот“. Ликовите се несреќни на свој начин.
Сценографијата е на Бузалковска и на Тодор Дајевски, а костимите се на Марија Пупчевска. Изборот на музиката го направи режисерката Бузалковска, а дизајнот на светло е на Русинот Владислав Фролов. Уште еден гостин од Хрватска учестува во „Вујко Вања“, Александар Ацев, кој е задолжен за кореографијата и за сценските движења.
Владо Јовановски, кој го толкува ликот на Вујко Вања, многу сликовито објасни зошто го нема Чехов многу на македонските театрски сцени.
– На сите пантолоните ни се тресат кога ќе се спомене Чехов. Генијалноста е во едноставноста, на сите ни е јасно, а тоа го има кај Чехов. Убаво е што по пауза од 20 години повторно работиме школски. Колку што е Чехов наш, славјански, тој е и јапонски, англиски, германски автор, кој пишува за обичните луѓе – изјави Јовановски.
Џундева е благодарна на екипата, која со голема љубов, другарство и разбирање се однесувале кон неа во целиот процес на подготовка на претставата.
– Двапати сум го играла Чехов. Многу сум среќна што повторно ќе ја почувстувам сцената по подолга пауза – изјави Џундева која е во деветтата деценија на својот живот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.