Како одминуваат бомбите јавноста се помалку е информирана за два важни моменти во „битката за вистината“. СДСМ а уште помалку нивниот лидер Зоран Заев целосно ги игнорираат двајцата уапсени учесници во аферата Пуч кои што веќе го признаа делото.
Истите судски органи пред кои што Заев поднесува кривични пријави за аудио снимки пред десетина дена добиле признание од две лица дека соработувале со странски служби и со првообвинетиот З.В. а едниот од нив по договор со обвинителството беше осуден на три години затвор.
Заев најпрвин алудираше на притисок врз нив а потоа целосно престана да ги споменува. Откако свати дека никој нормален нема да се согласи да лежи невин три годинни затвор и со свој потпис да парафира договор со обвинителството Заев ги остави на цедило истите оние за кои предходно се колнеше дека работеле за доброто на Македонија.
За нивните деца Заев не најави купување на лап топ ниту автомобил. За него тие што до вчера ги величеше како херои сега не постојат.
Тој не ги споменува ниту во странските медиуми за кои што дава интервјуа а ниту странците не прашуваат за нив што покажува дека и странците од засега непознати причини не покажуваат интерес за двајцата главни оперативци во прислушувањето.
За двајцата припадници на службите за безбедност кои што се петто и шестоосомничен во аферата Пуч од кои едниот доброволно е осуден откако се согласил да добие пониска казна затвор поради соработка со судот молчат и дипломатите.
Во досегашните реакции на странските амбасади во Скопје со ниту еден збор не беа споменати двајцата притворени оперативци на петтата управа на МВР кои што во законска процедура согласно новите законски можности веќе го признале делото за кое што се товарат по што едниот доби експресна казна.
Можно ли е дека странците ги игнорираат нивните искази затоа што знаат дека тие длабоко ќе потресат странски безбедносни служби или нивни преставници во Македонија доколку во јавноста биде објавено што содржи исказот на двајцата вработени во МВР?
Имаат ли странските медиуми што известуваат од земјава за политичката криза налог од службите со кои соработуваат и сега како во 2001 година кога среде зима садеа компири во Танушевци, да го насочат јавното мислење во друг правец , спротивен на судските процеси?
Нејасно е и зошто во ниту една изјава на странските дипломати и во ниту една новинарски текст објавен во странски медиуми за состојбата во Македонија не се споменува единствената точно утврдена работа – изречената пресуда за тригодишната казна затвор поврзана со прислушувањњето.
Здравата логика вели дека странските медиуми кои што во земјава и регионов имаат професионални соработници не би ја пропуштиле шансата да прашаат за единствениот факт во низата манипулации кој што е судски верификуван.
Освен ако не добиле налог тој да се забошоти и на целата работа да и се даде поинаква насока. Насока која што треба да спречи откривање на тоа кои странски служби, бизниси, филантропи или индивидуалци со финансиски, политички и безбедносни интереси прислушувале македонски политичари а потоа со злоупотреба на нестабилниот Зоран Заев истото го објавуваат во јавноста.
Заев и странците молчат и за уште еден важен момент кој што е крајно индикативен. Тие едноставно се прават недоветни кога треба да ги објаснат англиските транскрипти од разговорите кои што се пронајдени во еден од компјутерите на Верушевски.
Зошто некој би правел англиски преводи на прислушување во Македонија ако тоа било нарачано од македонските власти. Во моментов во Македонската влада сите важни ресори ги држат луѓе кои како што слушнавме од снимките одлично го познаваат својот јазик и ним не им се потребни преводи на англиски.
Исто како што не им се потребни кратки анализи за политичката состојба во земјава кои што се пронајдени на хард дисковите во компјутерите кои куртулија од секирата на семејството Верушевски.
Зошто некој би правел брифинзи на англиски јазик освен ако тие не биле наменети за странски служби или поединци од странство кои што немаат детални познавање на политичките состојби во земјава.
Ако објаснувањето го дава Заев не е тешко да се претпостави што би рекол човекот кој јавно кажа дека „ од сестринска партија на СДСМ барал странски премиер да му извади работна виза на Верушевски“.
Ако некој го праша тој веројатно ќе каже дека прислушувањето не се одвивало на Македонски јазик затоа што власта одела на курс по англиски и комуницирала на тој јазик за полесно да се разбере со европските партнери кога ќе влеземе во ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.