Охрид сакаме да го развиваме како град на задоволни жители, град во кој граѓаните ќе користат добро развиена инфраструктура и улици, град во кој ќе ја спречиме прекумерната урбанизација, град во кој ќе имаме решено прашање за паркирање и цената на паркирање, рече на денешната прес-конференција кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Бакрачески.
Тоа се нашите приоритети на кои ќе работиме веднаш, првиот ден по преземањето на локалната самоуправа во Охрид. Но, има еден исклучително важен момент кој денес сакам да го соопштам на нашите сограѓани. Имено, граѓаните на Охрид многу добро паметат дека локалната самоуправа на СДСМ преку мнозинството во Советот изгласа неколку одлуки со кои без логично објаснување ја подигна цената на сметките за неколку комунални услуги за граѓаните на Охрид и тоа цената на сметките за вода, за комунални услуги, за одведување атмосферски води, па и за одржување на гробните места. Со цел само да ги спаси лошо менаџираните и нерентабилни јавни претпријатија, локалната самоуправа гласаше да се подигнат цените за вода на сметките од ЈП „Проаква“ за 20 проценти, ги зголеми цените на услугите на „Комуналец“ за 9 проценти, ги зголеми цените на услугите на „Нискоградба“ за околу 15 проценти и одреди висина за т.н. гробарина прво од 1.200 денари ,па потоа 720 денари годишно. Истоа така, при процените за утврдување на висината на данокот на промет на недвижности и права се билдаа драстично високи процени, па граѓаните при остварен промет беа принудени да плаќаат високи даноци.
Овие одлуки на мнозинството на СДСМ сериозно, а непотребно, удрија по џебот на граѓаните кои и онака се засегнати од економската криза.
Јас, како иден градоначалник на Охрид, сакам да ги уверам граѓаните на Охрид дека ќе имаме, заедно со мојот тим, сосема поинаков пристап кон начинот на раководење со јавните претпријатија и ефектот од тоа работење врз услугите и врз џебот на граѓаните. Ние плански приоѓаме кон секој еден денар од приходната и расходната страна на буџетот на Општината и на јавните претпријатија. Нема да дозволиме од парите на граѓаните да се прават како досега непродуктивни трошења и тоа на сметка на граѓаните.
Затоа јавно сакам да ветам пред граѓаните на Охрид на една од првите седници на Советот на Општина Охрид, во кој мнозинство ќе имаат советниците од ВМРО- ДПМНЕ, ќе предложиме намалување на цените на комуналните и други услуги кои се под надлежност на локалната самоуправа. Притоа ќе го респектираме ставот кој и досега го имаше советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Охрид дека давачката за одржување гробни места, наместо 720 денари, ќе биде 200 денари годишно.Ќе ги ангажираме најкомпетентни кадри кои стручно и одговорно ќе ги изготвуваат проценките на имот и права на реална основа, со што граѓаните на Охрид нема да бидат принудени да плаќаат зголемен данок на промет. Сигнификантно ќе ги скратиме астрономски високите и нејасни репрезентации; давачките за мобилни телефони; непотребните и бесцелни патни трошоци и ред други измислени давачки на Општината.
Намалувањето на цените на комуналните услуги ќе води кон релаксирање на семејнитот буџет на охриѓани.
Очекуваме со ова намалување на цените на комуналните услуги да придонесеме да го релаксираме семејниот буџет на охридските семејства.
На 24 март победуваме заради Охрид, заради проектите и заради мерките кои ќе ги преземеме за подобро живеење во градот.
Ве уверувам дека ниту еден ден од мандатот нема да помине да не се донесат мерки и одлуки во интерес на Охрид. Затоа ве поканувам да се придружите на големата победа на 24 март и да станете дел од новото современо лице на Охрид, од кое придобивки ќе имаат и гостите, но, пред сѐ, граѓаните на Охрид.
– Текст од прес-конференција на Бакрачевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.