| четврток, 6 декември 2018 |

Претставата за љубов, „Вујко Вања“ премиерно во МНТ в недела

Актерската екипа ја сочинуваат Владо Јовановски, Никола Ристановски, Сашка К. Димитровска, Дарја Ризова, Благој Чоревски, Љупка Џундева, Катина Иванова и Нино Леви

В недела, на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) е премиерата на „Вујко Вања“ на Антон Павлович Чехов, а во режија на Зоја Бузалковска.

Актерската екипа ја сочинуваат Владо Јовановски, Никола Ристановски, Сашка К. Димитровска, Дарја Ризова, Благој Чоревски, Љупка Џундева, Катина Иванова и Нино Леви.

– Со поставување на „Вујко Вања“ продолжува тенденцијата да се поставуваат големите дела. Овие дела не се поставуваат често во театарите – рече Дејан Лилиќ, директорот на МНТ најавувајќи ја претставата за в недела во 20 часот.

Vujko Vanja prestava 5 (Custom)

Од кастингот се забележува дека актерската екипа е вниматлно одбрана, а освен „домашните“ актери од МНТ, во претставаат гостуваат Чоревски и доајенката на македонското глумиште Љупка Џундева, која по пауза од речиси една деценија повторно ќе игра на штиците што значат живот.

– Откако почнав да се занимавам со театар мечтаам за „Вујко Вања“. Пресреќна сум бидејќи се поставува на оваа сцена, на националниот театар. Со поголемиот дел од актерската екипа првпат соработувам – изјави режисерката Бузалковска.

Според неа, Чехов е еден од оние автори кои се секогаш актуелни.

– Ова е претстава за љубовта. Многу едноставна и човечка претстава за љубовта – смета Бузалковска.

Vujko Vanja prestava 2 (Custom)

„Вујко Вања“ е приказ на луѓето полни со емоционални фрустрации или како што вели авторот „луѓе кои залудно го потрошиле животот“. Ликовите се несреќни на свој начин.

– Некогаш работите се редат како што сте посакувале. Ако постои идеална поделба на ликовите, тоа е оваа. Не е лесно да се работи со вакви актеришта – изјави Бузалковска.

Сценографијата е на Бузалковска и на Тодор Дајевски, а костимите се на Марија Пупчевска. Изборот на музиката го направи режисерката Бузалковска, а дизајнот на светло е на Русинот Владислав Фролов. Уште еден гостин од Хрватска учестува во „Вујко Вања“, Александар Ацев, кој е задолжен за кореографијата и за сценските движења.

Владо Јовановски, кој го толкува ликот на Вујко Вања, многу сликовито објасни зошто го нема Чехов многу на македонските театрски сцени.

– На сите пантолоните ни се тресат кога ќе се спомене Чехов. Генијалноста е во едноставноста, на сите ни е јасно, а тоа го има кај Чехов. Убаво е што по пауза од 20 години повторно работиме школски. Колку што е Чехов наш, славјански, тој е и јапонски, англиски, германски автор, кој пишува за обичните луѓе – изјави Јовановски.

Vujko Vanja prestava 4 (Custom)

„Гостинот“ од Драмски, пензиониранот Чоревски изјави дека во исто време се чувстува привилигирано и возвишено, бидејќи е дел од „Вујко Вања“.

– Во 1945 година татко ми бил дел од првата претстава одиграна на сцената на МНТ, „Платон Кречет“, а сега јас, по 70 години, првпат ќе играм на истата сцена, но во новиот објект на МНТ и тоа во претстава на великанот Чехов- рече Чоревски.

Џундева е благодарна на екипата, која со голема љубов, другарство и разбирање се однесувале кон неа во целиот процес на подготовка на претставата.

– Двапати сум го играла Чехов. Многу сум среќна што повторно ќе ја почувстувам сцената по подолга пауза – изјави Џундева која е во деветтата деценија на својот живот.

фото: Игор Ангеловски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top