| четврток, 6 декември 2018 |

Француски експерти ќе ѝ помагаат на Македонија во унапредувањето на животната средина

Македонија како земја-кандидат на Европската унија се соочува со голем број предизвици во доменот на животната средина. Приоритет е подигнувањето на свеста кај граѓаните и компаниите и зајакнувањето на администрацијата која работи во овој домен, беше истакнато на денешниот семинар за управување со води.

Семинарот се организира со техничка помош од Република Франција, односно нејзини експерти ќе ги пренесат нивните знаења и искуства.

Француската амбасадорка Лоренс Оер на отворањето на семинарот истакна дека неодамнешното одржување на Поткомитетот за животна средина и транспорт ги покажало напорите на Македонија во пренесувањето на европското во националното законодавство, но оти останува уште многу да се направи.

– Подигнувањето на свеста на граѓаните и компаниите претставува приоритет, а подобрата енергетска ефикасност и транспортот кој е насочен кон животната средина се некои од нашите напори. Ги поздравувам напорите што ги презема државата да се вградат филтри во фабриките кои порано загадуваа. Останува уште многу да се направи во некои поглавја – рече Оер.

За вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими, поглавјата што се однесуваат на животната средина и климатските промени се едни од најобемните и најсложените што ги имаат земјите-кандидати на Европската унија, а соработката и поддршката од земјите-членки е исклучително важна.

Според министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхаин Изаири, ангажирањето на експертите ќе овозможи тесна соработка со Националниот екстертски тим со цел постигнување на добри резултати и база за идна комуникација и трансфер на знаења.

Во рамки на настанот, министерот Изаири и амбасадорката Оер ќе потпишат административен договор за соработка меѓу македонското Министерство за животна средина и просторно планирање и француското Министерство за екологија, одржив развој и енергетика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top