Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство е најголемото родилиште во Македонија, каде што годишно на свет доаѓаат околу шест илјади новороденчиња. Пред три години Клиниката е преселена во нов објект, каде што значително се подобрени условите за родилките, има нови операциони сали, родилни боксови, нова опрема и лаборатории. Сето тоа го зголеми и обемот на работа на Клиниката, вели директорката на Клиниката, асистент д-р Марија Хаџи-Лега.
Откако е реновирана Клиниката за гинекологија и акушерство, Македонија доби европска гинекологија. Колку породувања се вршат на Клиниката годишно и дали таа сè уште е најголемото родилиште во Македонија?
ХАЏИ-ЛЕГА: Универзитетската клиника за гинекологија и акушерството пред три години комплетно е преселена во нов објект. Клиниката е една од најмодерните јавни здравствени установи која овозможува здравствени услуги на високо ниво. Токму поради тоа, а и поради конкурентноста на некои приватни здравствени установи, обемот на работа е зголемен. Клиниката сè уште е најголемото родилиште во Македонија, каде што годишно на свет доаѓаат околу шест илјади новороденчиња. Пред да се преселиме во новиот објект, бројката се движеше меѓу 5.000 и 5.500 породувања годишно.
Подобрени се условите за родилките, има нови операциони сали, родилни боксови, нови лаборатории, нова опрема. Дали сето тоа ви го зголеми обемот на работа?
ХАЏИ-ЛЕГА: Болницата е изградена според европски стандарди. Пациентките имаат апартманско сместување, собите се двокреветни, со сопствен тоалет. Тоа придонесе обемот на работа да биде зголемен на секое поле. Имаме нови операциони сали, нова опрема, најсовремени ултразвучни апарати со коишто е овозможено навремено откривање фетални аномалии, како и нови лаборатории за вештачко оплодување. По пауза од две години, повторно го почнавме проектот за биолошки потпомогнато оплодување на Клиниката. Успешноста на циклусите водени со овие постапки се зголемува благодарение на опремата што е набавена во лабораторијата за фертилизација. Во лабораторијата за типизација на хуман-папилома вирус (ХПВ) има најсовремена опрема. Овој вирус е еден од главните причинители на цервикалниот карцином кај жената. Биохемиската лабораторија е опремена со најсовремена апаратура за скенирање на можноста за хромозомопатија кај плодот, а тоа се таканаречените тестови приска 1 и приска 2. Тоа е биохемиско скенирање кое е комплементарен со ултразвучното и овозможува скенирање на тоа дали плодот спаѓа во високоризична или нискоризична група за припадност во групата на Даунов синдром. Секако, тоа не е дефинитивна дијагноза, туку потребно е дополнително испитување. Да го спомнам и стартувањето на операционата сала која е наменета исклучиво за лапроскопски операции, односно за минимално инвазивна хирургија. Клиниката интензивно работи на доедуцирање на кадарот и на сè поголема застапеност на овој тип интервенции за да се намали престојот на пациентките во болницата и да се овозможи побрзо заздравување на оперираните пациентки. Комплетно, обемот на работа е зголемен, и тоа со значителен квалитет.
Во Европа, во просек, секое десетто бебе се раѓа предвреме, а во Македонија бројот на предвременородени бебиња е двојно зголемен. Токму поради тоа, на Клиниката е набавен лактариум за мајките на овие бебиња да можат да се измолзуваат и да им оставаат млеко на новороденчињата. Колку е искористен лактариумот?
ХАЏИ-ЛЕГА: Светски тренд е и постои тенденција на пораст на предвреме родени деца, дури и во САД, како една од најразвиените земји во светот. Тој тренд го има и во Македонија. Посебно е висока стапката на предвремени породувања токму на Клиниката поради тоа што е усвоен концепт сите пациентки со заканувачко предвремено породување од целата земја да ја завршуваат бременоста на оваа клиника. Процентуалната застапеност на предвремено породување во однос на целокупното породување е околу 18 проценти. Во светот интензивно се работи на откривање на етиолошките причини за овој тренд. Ние како Клиника учествуваме во многубројни проекти, кои резултирале со појавување научни трудови во списанија со импакт-фактор, токму поради високата застапеност на предвременото породување. Клиниката интензивно работи на промовирање концепт за намалување на стапката на предвремено породување, како и навремено откривање на пациентките што се изложени на ризик за предвремено породување за да се интервенира навреме. Многу едноставен начин е скенирање на ризикот од предвремено породување преку мерење на должината на грлото на матката со вагинална сонда во тек на ултразвучен преглед на фетални аномалии во второто тримесечје. Тоа е скенирање што се прави од 20. до 22. гестациска недела. Дури и во протоколите за работа се сугерира овој многу едноставен и евтин метод да се додаде на вообичаеното скенирање за фетални аномалии како мошне ефикасна мерка која ќе овозможи скенирање на високоризичните групи и соодветно третирање. Докажано е дека применувањетто гестагена, прогестеронска терапија кај таквите трудници резултира со значително намалување на стапката на предвремено породување. Предвременото породување е асоцирано со висок перинатален морталитет и перинатален морбидитет. Затоа е мошне важна исхраната на овие новороденчиња, пред сè во поглед на развојот на нивниот неразвиен органски систем. Пред неколку месеци почна да работи лактариумот на Одделението за интензивна нега и терапија. Мајките чиишто бебиња се хоспитализирани во Одделението за интензивна нега и терапија имаат можност да се измолзат, односно да го остават млекото како најдобар извор за храна на новороденчето. Во согласност со светските трендови и студии, кои покажуваат дека контактот на мајката, односно контактот на семејството со предвремено родените бебиња е мошне важен и значително придонесува во подобрување на преживувањето на овие новороденчиња, го отворивме кабинетот за „кенгурирање“. Родителите имаат можност, со помош на медицинските лица, да воспостават непосреден контакт, кожа на кожа, и истовремено да се едуцираат за полесно справување и надминување со психичките проблеми со кои се соочува едно такво семејство. Контактот кожа на кожа го олеснува надминувањето на тој тежок период за семејството и за новороденчето.
Како го коментирате новиот правилник според кој гинеколозите можат да прават царски рез само ако постојат медицински индикации за тоа?
ХАЏИ-ЛЕГА: Во светски рамки, породувањето со царски рез е околу 15 проценти. Глобално, како да постои епидемија на зголемување на породувањата на тој начин. Сè почесто породување со царски рез, можеби, се случува поради недоволната подготвеност на идната мајка или напреднатата возраст на трудниците, па затоа е многу важна психофизичката подготовка на трудницата. Треба да се почитуваат препораките од матичниот гинеколог уште на почетокот. Треба да се разгледа можноста една трудница да присуствува на часови за психофизичка подготовка за породување, какви што постојат на Клиниката. Тимот е составен од акушерка, гинеколог, педијатар, анестезиолог, така што пациентката има можност да се запознае со предизвиците на коишто ќе биде изложена при самиот чин на породување. Можеби процентот на породувања со царски рез е зголемен поради зголемување на стапката на близначка бременост во општата популација на трудници, а којашто се должи на примената на техниките за биолошки потпомогнато оплодување, како и напреднатата возраст. Постои таков протокол во моментов и тој се заснова на медицина базирана на докази во коишто постојат јасни индикации кога би требало да се направи царски рез. Тие ги делиме на апсолутни и на релативни индикации за царски рез.
Дали породувањето со царскиот рез беше досега злоупотребувано, односно се вршело операција и кога немало индикации дека е потребно?
ХАЏИ-ЛЕГА: Општо е познато и студиите покажуваат дека морталитетот кај мајките и компликациите по породување со царски рез се многу поголеми во однос на природното породување. Во однос на злоупотребата, досега на Клиниката биле почитувани протоколите. Затоа, да повторам, многу е важна психичката подготовка на трудниците во текот на бременоста, па дури и пред забременувањето.
Неодамна се вративте од Јапонија, каде што бевте на тренинг за менаџирање болници. Какво искуство носите оттаму и што имате да им пренесете на колегите?
ХАЏИ-ЛЕГА: Благодарение на јапонската Агенција за меѓународна соработка во соработка со Владата на Република Македонија имав можност да престојувам на проект, односно тренинг за менаџирање болници преку практична и теоретска настава која се изведуваше во болницата „Сент Мери“ во Куруме. Таму се тргнува од успешноста на менаџирањето на „Тојота“. Тоа е таканаречена филозофија на менаџирање на „Тојота“, во која е мошне битно тимското пристапување во решавањето на проблемите во една институција. Тимски, заеднички имаат една единствена цел – подобрување на нивото на здравствената заштита конкретно во таа болница и воопшто во системот на јапонското здравство. Дел од оваа обука може да биде применета и кај нас. Јапонија, сепак, има поинаква култура и традиција. Таму постои заемно почитување на јапонскиот народ. Целта е единствена – заеднички може да се успее и да се оди напред.
Целото интервју може да го погледнете и на следниов линк.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Докторот направил царски рез, но во стомакот на жената немало бебe – после 2 минути се чул плач!
-
Животот со глава се плаќа во мандатот на Филипче: Родилка во кома хоспитализирана на геријатрија
-
Нема потреба од царски рез без причина: СЗО има нови препораки за родилките
-
Клиниката за гинекологија дели бонуси, а враќа долгови со пари од ребалансот