Воената разузнавачка агенција во Германија смета дека постои реална опасност исламски милитанти да се инфилтираат во редовите на војската и потоа да заминат во Сирија или Ирак, јави дописникот на МИА од Берлин.
Шефот на германското воено разузнавање (МАД) Кристоф Грам во изјава за дневниот весник Ди Велт вели дека тешко може да се превенира инфлитрација на умерени исламисти во германската армија по што тие би добиле тренинг за ракување со оружје кој што подоцна би можеле да го искористат во редовите на Исламската држава.
Според Грам засега нема припадници на германската армија меѓу 600 германски граѓани кои што досега се придружеле на џихадистите, но идентификувани се над 20 поранешни војници кои што патувале во конфликтните зони.
Шефот на военото разузнавање смета дека треба да се воведе дополнителна проверка на потенцијалните регрути кои добиваат обука за оружје како што тоа се прави со луѓето кои што работат со тајни документи или други сензитивни подрачја на економската инфраструктура.
Германија е една од дваесетината европски земји кои што имаат проблем со своите државјани кои што војуваат во Ирак и Сирија. Шефот на германското воено разузнавање ја отвори дилемата колку поранешни припадници на европските армии се борат во редовите на исламските радикални групи на блискиот исток.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.