Ричард Ховит, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, вчера истакна дека има политички договор меѓу сите главни партии во Европскиот парламент за компромис-амадмани за сѐ, освен за една точка, а тоа е нешто што се менува многу брзо и за што постојано ни треба ажурирање.
Според Ховит, од 203 амадмани поднесени главно од грчки и од бугарски европратеници, сега има десетина споени кои за две и пол недели Комитетот за надворешни работи ќе ги гласа на попладневната седница.
– Во секој случај, најважно е што нема некое крупно политичко несогласување меѓу мене како известувач и известувачите во сенка, кои се претставници на сите политички партии во парламентот. Направивме многу добар прогрес, го закажавме гласањето за резолуцијата на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) за 8 април, попладнето, и јас ќе бидам посветен дека по договорот во Скопје на почетокот на овој месец, ЕП ќе се справи со овој извештај во позитивна и конструктивна рамка и јас сум сигурен дека така ќе биде – вели Ховит.
Во врска со договорот, кој го посредуваа тој и еврокомесарот за проширување Штефан Филе, како и неговиот колега Јержи Бузек, Ховит истакна оти е убеден дека на АФЕТ ќе се најде консензус за амадманот во однос на ова политичко помирување да биде во позитивна и конструктивна рамка, за што Британецот вели дека самиот се обврзал при последната посета на Скопје. За тоа дали ќе има негативни критики и „удари во заби“ за Македонија во резолуцијата на ЕП, Ховит вели дека извештајот на ЕП за секоја земја што пристапува кон Европската унија содржи и конструктивна критика.
– Мојот извештај ќе биде сличен и на претходните, но критиката е во насока на вистинското пријателство со земјата и вистинска мотивација да се придвижи на патот кон Унијата. Ништо повеќе, ништо помалку – дециден е пратеникот од редовите на социјалдемократите.
Распоредот за гласање на резолуцијата го поставивме да биде пред специјалниот извештај на Европската комисија (н.з. кој ќе биде објавен на 16 април) иако се однесува на прогрес-извештајот на Комисијата од октомври минатата година и се надевам дека тој, заедно со извештајот на ЕК, ќе донесе до позитивна одлука и на самитот на Европскиот совет во јуни оваа година. Тоа останува моја посветеност, вели тој.
Известувачот за Македонија во ЕП потврдува дека придавката „македонски“ ќе се најде во оваа резолуција, но само еднаш.
– Оваа година сме на иста позиција како и лани, а тоа е дека се договоривме во ЕП да го користиме името на државата според договорот во Обединетите нации и тоа мора да го правиме така зашто имаме правна обврска. Но, јас продолжувам и да го користам зборот „македонски“ како и лани, и сега ќе има една референца со оваа придавка со која сакаме да им покажеме на луѓето од оваа земја дека ние ја признаваме таа супстанција во овој момент. Но, ги исклучив сите други референци кои се однесуваат на името, што е моја нормална практика оти сакам Европскиот парламент навистина да помогне и да биде конструктивен со својата резолуција, што се прифаќа во вашата земја, но и во Европа, и верувам дека тоа е начинот на кој го постигнувам тоа – вели Ховит.
На прашањето дали ќе имаме можност да видиме резолуција за Македонија во која ЕП ќе ѝ се обраќа на државата со „оваа земја“ или „таа земја“, а не со нејзиното уставно име што е и основно човеково право за себеидентификација и дали е ова нормално и дали истото се практикува и во други случаи, Ховит со дипломатски одговор: – Моја практика и лани беше да го користам зборот „македонски“ на начин што многу луѓе во земјата ми побараа, што дотогаш и Европската комисија одбиваше да го стори, сѐ до годинава. Но, јас на тој начин успешно ги убедив во ЕК да ја користат придавката „македонски“ во својот октомвриски прогрес-извештај минатата година. За тоа би требало да добијам благодарност и ќе продолжам да го правам истото оти го правам услишувајќи ги молбите на народот од оваа земја – потенцира британскиот европратеник.
Ховит вели дека ќе има една референца за последните етнички инциденти во Македонија, со која ЕП ќе ги охрабри страните да креираат добри меѓуетничка односи. Тој потврдува дека во ЕУ се добро запознаени со овие инциденти и нема да ги осудуваат оти тоа би било погрешно.
– Правилно за нас е да упатиме апел за нормализација на меѓуетничките односи во земјата и да дадеме поддршка на сите што се борат за ова – вели Ховит.
На констатацијата дека пред тој, Филе и Бузек да дојдат во Скопје имало длабок јаз меѓу двете најголеми политички партии – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ – при што опозициската партија го бојкотираше парламентот и се закануваше со бојкот на локалните избори, а сега, по успешното менаџирање на оваа политичка криза од нив, имаме случај овие партии дури и да бидат во коалиција во Кичево и Струга, Ховит со насмевка констатира дека ЕП нема да го земе предвид тоа.
– Наша обврска е да ја вметнеме оценката на ОБСЕ и ОДИХР од нивното надгледување на изборниот процес. Не е корисно ЕП да долева масло во однос на сите случувања на политичко ниво. Нашите оценки ќе дојдат, но тоа ќе биде подоцна. Ние намерно направивме гласањето за резолуцијата да биде откако ќе заврши и вториот круг од локалните избори. Тоа значи остануваме отворени и усвојувањето на сите амадмани зависи од развојот на настаните околу изборите. Таа опција е отворена. Сега сме во кампања и јас би сакал да упатам апел до политичките партии во земјата да си ја водат кампањата според својот интерес, што е демократско право, но тоа да го прават на мирен начин и со соодветно почитување на демократските принципи. И ако тоа може да го сторат, тогаш ние ќе имаме силни демократски избори што би било сигнал до ЕУ да ја поддржи земјата во нејзините следни чекори кон интеграцијата во Унијата и во НАТО – образложува извесутвачот за Македонија од ЕП.
За тоа дали се предлага нешто друго во резолуцијата во однос на решавањето на наметнатиот спор за името со Грција, оти претходно се бараше ЕУ да се вклучи подлабоко во овој процес, дури и заедно со ОН да биде олеснувач и дали има сигнали од различни страни во Унијата кои бараат ЕУ повеќе да се вклучи во решавањето на овој наметнат проблем, Ховит со одговор:
– Го видовме предлогот на комесарот Филе во последниот извештај на Комисијата за вашата земја во кој предлага да почнат пристапните преговори, со тоа што прашањето за името ќе се решава во раната фаза од преговорите. Филе е еврокомесар, а тој ја претставува Унијата, што значи дека на некој начин ние веќе предлагаме и поголема улога на ЕУ во овој процес. Јас го поддржувам него за овој предлог, за кој и дискутиравме пред Комисијата да го предложи во прогрес-извештајот. Тој презема и интензивни дипломатски активности во оваа насока, како и за решение на отвореното билатерално прашање со Софија. Неодамна дискутиравме за следните чекори што ќе се преземат во тој процес оти, сепак, Филе треба да објави какви иницијативи се преземаат, а не јас. Она што луѓето во земјата треба да го разберат во врска со ова е дека ЕП и ЕК работат заеднички во интерес на земјата и нејзиниот пристап кон ЕУ. Фактот дека Филе сакаше да дојде во делегацијата со мене за решавање на политичката ситуација на почетокот на овој месец покажува дека Европа работи сплотено и прави сѐ што може за приклучувањето на земјата и тоа праќа добра порака до партиите и до луѓето што се етнички поделени дека треба сите да работиме заеднични во интерес на земјата – потенцира Ховит.
Британскиот европратеник повтрдува дека ќе се бори да остане неговиот предлог дека ќе се случи пресврт во односот на Македонија со ЕУ ако нашата земја ги почне пристапните преговори што е можно побрзо, оти грчки и бугарски европратеници бараа тоа да биде исфрлено од резолуцијата.
Според Ховит, ваквиот јазик провоцира дебата и тој збор не е традиционален во дипломатскиот речник, но провоцира разговор и привлекува внимание на неговата намера, која, според него, е да каже дека реформите и прогресот на земјата сигнификантно ќе се подобрат ако почнат пристапните преговори.
– Тоа е пораката што јас сакам да ја испратам до и преку Европскиот парламент, а сигурен сум дека за ова имам поддршка од многу луѓе во земјата – дециден е Ховит.
Тој уште еднаш потврдува дека во Комитетот за надворешни работи на ЕП има договор за компромисни амадмани речиси за сѐ и дека тој е убеден дека ќе има и целосен договор.
– Тие амадмани за кои се договоривме, а што наскоро ќе излезат и јавно, се во рамки на ветувањето што неодамна го дадов во Скопје дека ЕП ќе донесе позитивна и конструктивна резолуција и јас сум воодушевен од нивото на соработка од другите партии во Парламентот за поддршка на оваа моја цел – завршува британскиот европратеник и известувач за земјата во Европарламентот.
Како што е познато, АФЕТ на 4 март требаше да ја изгласа резолуцијата за Република Македонија, но токму на барање на Ричард Ховит, за таа да не биде негативна поради дотогаш нерешените политички несогласувања во државата, гласањето беше одложено за 8 април, при што во меѓувреме работите во Македонија се вратија во нормалата токму по посредувањето на Британецот и неговите колеги од ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.