| четврток, 6 декември 2018 |

КК Работнички: Нема да учествуваме во процеси кои се со политичка позадина

Најтрофејниот кошаркарски колектив во нашата држава, КК Работнички, почувствува потреба со соопштение до јавноста да го изнесе својот став околу иницијативата за смена на претседателот Даниел Димевски зад која застанаа повеќе од половина тимови во нашата држава.
Управата на Работнички смета дека има многу поважни работи за кои треба сериозно да се расправа како новиот Закон за придонеси и задолжително социјално осигурување, кој дополнително ќе ги намали приходите на спортистите. Згора на тоа, од „Градски парк“ напоменуваат дека нивниот принципиелен став е да не учествуваат во процеси со политичка позадина.

Во продолжение ви го пренесуваме во целост соопштението од „Центарци“.

– Деновиве, на македонската кошаркарска сцена актуелно е барањето за смена на претседателот на МКФ, Даниел Димевски. Како најтрофеен кошаркарски колектив во Македонија, во врска со барањето за одржување на Вонредно собрание на МКФ, чувствуваме потреба и обврска да го искажеме нашиот став.

Сметаме дека во овој период постојат далеку поважни теми на кои кошаркарските клубови треба и мора да се насочат. Имено, измените во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување се погубни за секој спортски колектив и секој спортист поединец. Воедно, во очи на Европското првенство, ваквите случувања не се поволни и се апсолутно непотребни. Ова е време во кое треба сите да бидеме сплотени и да работиме за доброто на кошарката, а воедно и за спортот во Македонија. Неразумно за нас е во овој момент клубовите да се занимаваат со кадровски промени кои само можат да го одолговлечат решавањето на реалниот проблем со кој се соочуваме сите. Со овој Закон драстично ќе се намали приходот на спортистите, со што сметаме дека, од една страна, ќе се намали желбата за сопствено спортско надоградување, а од друга страна, клубовите можат да се соочат со барање за многу повисоки хонорари, со кои дури и сега едвај се справуваме. Да појасниме, обврската за плаќање на придонесите е на терет на оние што го примаат хонорарот. Па така, ако еден спортист има договор за 120.000 денари нето хонорар, откако ќе ги плати придонесите, ќе му останат околу 82.610 денари.

Сакаме да потенцираме дека политиката не треба да се меша во спортот, а овој момент не дозволува групирање и формирање на табори, затоа што е период во кој се кршат копјата за квалитетен спорт во Македонија. Треба да одлучиме дали сакаме аматерски спортови, во кои ќе доминираат мал број на клубови, а другите едвај ќе постојат и преживуваат, или пак, ќе се избориме за да го дигнеме спортот во Македонија на високо ниво и истиот да го направиме вистински амбасадор на нашата држава во светот.

Работнички останува доследен на својот принципиелен став дека нема да учествува во процеси кои се политичка позадина, кои немаат ништо заедничко со спортот и кои и’ штетат на македонската кошарка. Доколку кај клубовите навистина постои желба за ваква иницијатива, ги повикуваме истото да го направат исклучиво во согласност со Статутот на МКФ – стои во дописот на КК Работнички.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top