Во текот на заедничките воени вежби на турските и на азербејџанските военовоздухопловни сили, во близина на Конија се урна турски воен авион „тураз фалкон 2015“.
Во несреќата загинале двајцата пилоти во авионот.
Според првичните информации од теренот, леталото се урнало во близина на населбата Караташ.
Гувернерот на Конија, Муамер Ерол, изјави дека еден пилот скокнал од авионот, а дека по вториот сè уште се трага.
Турските вооружени сили издадоа соопштение во кое се наведува дека „двајцата млади пилоти загинаа како маченици“, изразувајќи сочувство до семејствата на пилотите, до вооружените сили и до турскиот народ.
Падот на турскиот авион е по само три дена откако Грција изрази протест поради тоа што Турција резервира голем дел од воздушниот простор над Егејско Море за воените маневри до крајот на оваа година.
Портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи, Констандинос Кутрас, изјави дека Турција еднострано издала официјално предупредување – НОТАМ, дека за воените потреби од 2 март па се до 31 декември, резервира широк воздушен простор над Егејско Море. Следниот ден Турција го повлече барањето, објаснувајќи дека било испратено по грешка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.