| четврток, 6 декември 2018 |

Секој ден по една претстава во Драмски театар

Драмски театар по повод март – месецот на театарот, највува секој ден по една претстава за која билетите ќе чинат 100 денари. Билетите треба да се купат до денот пред секоја од претставите затоа што на денот кога се играат, ќе бидат 150 денари.

Според директорот Роберт Вељановски, во март, Драмски ќе има најмалку 31 претстава, колку што има денови. Тој очекува голем одглас кај публиката, најмалку 10 проценти повеќе од лани, кога „акцијата“ била одлично прифатена.

На 27 март, за Светскиот ден на театарот, се предвидени три изведби. Воедно, Театарот ќе биде бесплатно отворен за сите, но ќе мора да се набават билети . Планирани се и забави, изложби, продажба на книги…

На 4 март, пак, со изведба на „Ждрело“, Драмски одбележи 50 години од вселувањето во постојниот објект, кој е донација на Британската влада.

Објектот на Драмски во Карпош 2 е отворен 1965 година со премира на драматизацијата „Богомилска балада“ според романот на Владо Малески „Она што беше небо“, од Милан Ќурќчинов и Илија Зафировски.

Директорот Вељановски информира дека во Драмски моментно се работат две претстави – „Приказна за човекот без рака“ во режија на Синиша Ефтимов, чијашто премиера се подготвува за 21 април, кога Театарот ќе слави 69 години од постоењето, како и „Безљубни“ во режија на Златко Славенски.

Билетарата на Драмски театар е отворена секој ден од 9 до 22 часот и во недела, од 12 до 20 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top