„Македоника литера“ од Скопје неодамна го објави романот „Дневник на друга зима“ на српскиот писател Срѓан Валјаревиќ, во превод од српски јазик на Нове Цветаноски.
„Дневник на друга зима“ (2005) на Срѓан Валјаревиќ беше вклучен во десетте најдобри романи во југоисточна Европа во 2006 година, а доби и неколку книжевни награди во Србија.
Валјаревиќ има необична животна приказна. Во ова дело пишува за секој свој чекор на повторното раѓање и проодување по тешка болест, од која станува неподвижен. Главното дејство во романот е одењето. Поточно повторното проодување. Оваа проза е дневник за радоста на секој таков чекор и за смислата на животот и за радостите од малите нешта во него: одењето, жените и фудбалот.
На овој роман на Валјаревиќ му претходеше „Зимски дневник“ (1995), кој за кусо време по објавувањето стана култен роман и тој статус го задржа повеќе од една декада. „Дневникот на друга зима“ го пишува од 1 декември 2004 до 31 март 2005 година, со извонредна стилска изразност. Овој нестандарден роман во дневнички (автобиографски) белешки ги следи деновите на писателот за време на долгиот, мачен и болен процес на повторно проодување и на телесна рехабилитација, неговите макотрпни закрепнувачки прошетки и навидум монотоно секојдневје, а ги пишува со препознатлив лежерен и искрен стилски израз:
„…Цело попладне свирам, немам поим а свирам, а немам ни поим колку трае сето тоа. 17,30 часот. Цел живот живеам, немам поим а живеам, и еве трае. Токму така, немав поим за многу работи, па сепак преживеав. А уживав претерано, па сепак, реков, преживеав. Е па сега свирам. Така оди тоа. Додека оди. Кога не оди, тогаш го слушам Пол Велер зашто нему секогаш му оди, а и знае како се прави тоа, и тогаш јас уживам и повторно му посакувам сè најубаво. Па потоа повторно ја земам гитарата да свирам, и така додека оди. А кога не оди го пуштам Џо Страмер. И тој баш знаел. Но тој умрел, а го минав скоро сиот живот со неговото музицирање и пеење. И повторно уживав во неговото пеење, како и секогаш. Па потоа повторно јас малку би засвирел, зашто нема врска што немам поим, и нека Џо Страмер почива во мир и нека закрепне Пол Велер, и сè така нека оди, додека оди.“
Срѓан Валјаревиќ (1967, Белград) е еден од најистакнатите писатели во новата српска литература. Ги објавил: книгата поезија „Џо Фрејзер и 49+24 песни“, прозната книга „Зимски дневник“ и романите „Лист на корката леб“, „Луѓе на маса“, „Дневник на друга зима“ и „Комо“. Според негова проза е снимен филмот „Нормални луѓе“.
Прозата и поезијата на Валјаревиќ се преведувани на десетина јазици. Неговиот роман „Комо“, кој е вклучен меѓу десетте српски романи во рамките на проектот „Сто словенски романи“, а објавен е и на македонски јазик во издание на „Македонска реч“.
Успехот на неговата проза критиката го поврзува со стилот и пристапот во раскажувањето – Валјаревиќ раскажува меланхолично и интимно, со искрена непосредност со која ги освојува читателите и најчесто на исти теми: за осаменоста, егзистенцијата, скромноста, интимните ужаси и успеси. Книжевната критика го нарече урбан писател. Го набљудува светот околу себе и за тоа пишува. Главниот лик е скоро секогаш тој, без да ги крие своите емоции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на романот „Манастир Фуентерабија“ од Јагода Михајловска-Георгиева во Библиотеката „Браќа Миладиновци“
-
„Бележникот на татко ми“ од најтиражниот писател од Холандија – Кадер Абдолах
-
Смртна казна за познат писател на крими-романи: Злосторството го прераскажал во роман
-
„Антолог“ ја објави книгата „Лисица“ од Дубравка Угрешиќ