Со поставување камен-темелник денеска беше означено почнувањето на градежните работи за изградба на приклучни рампи на постојниот натпатник на северната обиколница околу Скопје во близина на месноста Смилковци.
– Оваа клучка ќе овозможи побрз и побезбеден транспорт на околу 8.000 жители од пет населени места на кои за 10 километри ќе им го скрати патувањето до центарот на Скопје. Се работи за инвестиција од околу 40 милиони денари, а предвидено е градбата да трае околу една година, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески по поставувањето на камен-темелникот.
Тој посочи дека изградбата на клучката влезе во програмата на Владата на барање на градоначалниците на Град Скопје и на општина Гази Баба, Коце Трајановски и Тони Трајковски.
Градоначалникот Трајановски посочи дека корист од изградбата на клучката ќе имаат граѓаните од Смилковци, Црешево, Виниче, Булачани, Раштак и Стајковци.
– Нивна дамнешна желба е оваа клучка да ги има сите влезови и излези кон автопатот. Иницијативата за нејзина градба граѓаните ја покренаа уште кога бев градоначалник на општина Гази Баба, рече Трајановски.
Со изградбата на клучката, нагласи, ќе почне полека да заживува и овој дел од Градот Скопје и Гази Баба.
Градоначалникот на Гази Баба нагласи дека веќе е урбанизиран појас од 70 хектари во близина на клучката во кој е предвидена изградба на објекти за спорт и рекреација, деловни комплекси и авто камп.
– Во следниот период со планската документација ќе биде опфатена огромна површина од која дел е веќе урбанизиран. Овој појас е карактеристичен бидејќи во непосредна близина има четири езера, Смилковското, Стајковското и малото и големото Железарско езеро и се надевам дека наскоро ќе бидеме сведоци на некоја инвестиција, рече Трајковски.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Владо Мисајловски нагласи дека на обиколницата има девет клучки кои се функционални и осветлени, а клучката кај Смилковци ќе биде десетта.
– Предвидено е клучката да биде со целосно ново осветлување, рече Мисајловски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Пожарникари ги извлекувале патниците од автомобилите кои биле поплавени кај клучката „Матка“
-
Тодоров: Банката на Советот на Европа го следи секој чекор за изградбата на новиот Клинички центар
-
Се реконструира автопатот Неготино – Демир Капија, инвестицијата вреди пет милиони евра
-
Сообраќајка кај клучката „Илинден“ – едно лице се бори за живот