| четврток, 6 декември 2018 |

Градежништвото ќе го продолжи растот, поттик и проектот „Купи куќа, купи стан“

stanovi

Позитивните трендови во градежништвото се очекува да продолжи и во наредниот период. Поддршката со владините мерки и активности како и во претходниот период ќе продолжи и годинава со средства од буџетот за капитални проекти, но и со проектот „Купи куќа, купи стан“ што ќе обезбеди работа за градежните компании, кои, исто така, очекуваат да продолжи растот во градежниот сектор.

Ова беше истакнато на отворањето на 12. Меѓународен саем за градежништво, градежни материјали и градежна механизација и 5. Саем за недвижности и инвестиции што од денеска до 7 март се одржува на Скопски саем и кој на едно место ги собира сите оние кои се поврзани со градежништвото.

– Градежништвото како гранка е исклучително значајна и според обемот на работа и според бројот на лица што се вработени и според значењето за економијата и за животот на граѓаните. Од тие причини Владата во изминатите години го помога градежништвото и вложува преку капитални инвестиции значителни износи на средства кои помагаат да се создаде работа за домашните градежни фирми, рече Ставрески додавајќи дека годинава во Буџетот се предвидени за оваа намена 340 милиони евра и заедно со средствата во Претпријатието за државни патишта за инфраструктурни проекти има околу 600 милиони евра работа за домашните градежни фирми.

Според него, градежништвото во Македонија за разлика од состојбите во ЈИЕ каде имаше негативни трендови, оди напред и секоја година бележи добри резултати, кои минатата година изнесуваа 4,4 раст на градежништвото во првите девет месеци и нови 4.000 работни места.

Министерството за финансии првпат е учесник на Саемот преку проектот „Купи куќа, купи стан“, кој според министерот стана белег дека државата може да помогне во развојот на градежништвото и да го раздвижи пазарот, а што се покажува преку намалување на цената на становите во Скопје на приближно 900 евра од претходно 1.000 евра за метар квадратен.

– Тоа значи дека постигнавме да ги приближиме становите до можностите на граѓаните и нивно учество во проектот кој влијаеше и во насока на намалување на каматните стапки на банките за над 3 проценти што значи помали трошоци за граѓаните и поголема продажба на становите. Сето тоа е во корист на граѓаните бидејќи успеваат да дојдат до сопствен дом, истакна министерот за финансии.

Претседателот на Градежна комора при ССК Роберт Хот истакна дека градежништвото во изминатите години беше двигател на македонската економија, а сите започнати проекти потврдуваат дека и во иднина таа тенденција ќе продоложи и растот ќе се зголемува.

За цените на становите градежниците посочуваат дека нема да паѓаат.

Хот потенцира дека градежните компании кои ги градат становите го имаат достигнато лимитот на намалување на цената.

Градежните компании велат дека имаат понуда на квалитетни станови и оти се продаваат се повеќе.

Зоран Азманов од Настел, фирма која денеска со Шпаркасе промовираа заедничка понуда, посочи дека тие достигнале до продажба од 200 станови годишно.

Ванчо Чифлиганец од Адора инженеринг посочи дека кај нив продажбата е зголемена за 10 до 15 проценти годишно, а лани има зголемување од 26 проценти.

Банкарите очекуваат продажбата на станови да продолжи што е поврзано со тоа дали економијата ќе има експанзија или стагнација.

– Имајќи ги предвид охрабрувачките сигнали што доаѓаат од Европа и високото ниво на економска активност во Македонија оценка е дека дното е зад нас и дека може да се очекува подобри денови, истакна генералниот директор на Шпаркасе Македонија Глигор Бишев.

На саемот учествуваат над 300 компании во три саемски хали кои нудат производи и услуги за работа, одржување, модернизирање, реновирање и опремување објекти.

Во делот на програмските активности секојдневно ќе се одржуваат стручни програмски активности на теми за енергетска ефикасност и фасадни системи и еко иновативни материјали, како и предавање на тема „Концепти и проекти во архитектурата“.

За посетителите и оваа година ќе биде организирана наградната игра „Награда за надоградба“, со која на најсреќните посетители ќе се доделат вредносни ваучери од 700, 500 и 300 евра во денарска противредност, кои ќе можат да ги искористат за производи од програмата на изложувачите на Саемот на градежништво 2015.

Од Скопски саем очекуваат годишното издание на саемот за градежништво и за недвижности да надмине 15.000 посетители.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top