Изградбата на подземна железница во Скопје станува реалност и тој проект ќе се реализира во следните четири години. Сообраќајницата ќе се простира од Владата до комплекс банки и е еден од најзначајните проекти кои се дел од изборната програма на град Скопје и на општина Центар. Ова го најавија Коце Трајановски, актуелниот и кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за град Скопје, и Владимир Тодоровиќ, кандидатот за градоначалник на општина Центар од владејаќката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Ова, според кандидатот за прв човек на Скопје, Коце Трајановски, е најскап и најважен проект кој ќе биде реализиран од земјотресот па наваму. Неговата вредност ќе биде од 40 до 45 милиони евра во зависност од проектот. Две третини ќе финансира Владата, а една третина од потребните финансиски средства ќе бидат издвоени од буџетот на Град Скопје.
– Со овој проект ќе се реши сообраќајниот метеж во централното градско подрачје. Ако со проширувањето на булеварите го подобривме сообраќајот за 20 до 30 отсто, следната форма за подобрување на сообраќајот е изградба на сообраќајници и раскрсници на две нивоа – рече кандидатот за градоначалник Трајановски.

Подземната сообраќајница ќе биде долга 1.300 метри, од кои 900 метри се под земја, а 400 метри над земја. Ќе почнува со кружен тек на две нивоа, подземно ќе понира меѓу Поштата и кејот на Вардар, под Камениот мост и ќе излегува кај комплекс банки, каде што ќе заврши со кружен тек на две нивоа. Со реализација на овој и други проекти, Трајановски најави дека во наредните 4-5 години ќе се олесни сообраќајот во Скопје.

– Сообраќајницата почнува со кружна сообраќајница на две нивоа кај мостот „Гоце Делчев“, потоа оди под земја и излегува во близина на Транспортниот центар, каде што треба да се направи уште една кружна сообраќајница на две нивоа на вкрстувањето на булеварот Крсте Мисирков со булеварите Кочо Рацин и Кузман Јосифовски Питу – додаде Трајановски.
Кандидатот за градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, истакна дека овој проект, кој ќе се реализира во наредните 4 години, ќе им овозможи на граѓаните побрзо да минуваат низ центарот на градот.
За овој проект, Градот потпиша и меморандум со Владата, а тендерот е веќе објавен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


