| четврток, 6 декември 2018 |

В четврток ќе се дистрибуираат избирачките ливчиња до општинските изборни комисии

Државната изборна комисија (ДИК) в четврток ќе ги дистрибуира избирачките ливчиња до општинските изборни комисии. Комисија ги презема сите активности за да биде подготвена за денот на изборите, 24 март, изјави за МИА потпретседателот на ДИК, Субхи Јакупи.

– ДИК веќе ги презема сите активности за да бидеме подготвени за денот на изборите, 24 март. Веќе се печатат ливчињата. Тоа што е најбитно – доверливиот материјал со записниците, печатите за секое избирачко место в четврток ќе бидат дистрибуирани во сите општински изборни комисии од страна на ДИК. Општинските изборни комисии треба да ги достават до избирачките одбори (ИО). ИО треба да бидат подготвени еден ден пред изборите бидејќи ќе има гласање за болните и изнемоштени лица, за притворените и затворените лица, а за в недела нормално треба да биде подготвен материјалот за сите избирачки места – изјави Јакупи.

Локалните избори ќе се одржат во 80 општини и во градот Скопје. На 2.976 гласачки места својот глас, според избирачкиот список, треба да го дадат 1.743.403 граѓани.

– За градот Скопје ќе има по четири ливчиња бидејќи тие гласаат за советници и за градоначалник на градот Скопје и за советници и за градоначалник на општината каде што живеат. Значи, во десет општини ќе има по четири ливчиња, додека другите општини ќе имаат по две ливчиња – изјави Јакупи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top