| четврток, 6 декември 2018 |

Најсиромашниот претседател заминува во пензија

Харизматичниот претседател на Уругвај Хозе Мухика официјално му ја предаде должноста на својот наследник, левичарскиот коалициски партнер Табаре Васкез. И покрај неговата огромна популарност поради скромниот начин на живот и борбата против потрошувачкото општество и социјалната неправда 79-годишниот Мухика не може да се кандидира за втор претседателски мандат.

Без оглед на политичката припадност невозможно е да не се биде фасциниран од Хозе „Пепе“ Мухика, кој уште го нарекуваат и сиромашниот претседател, пишува дописникот на „Би-Би-Си“ од Монтевидео.

Иако има идеалистички, вредни и чесни политичари низ целиот свет, ниту еден од нив не му се ни доближува на уругвајскиот претседател во заминување кога станува збор за живеењето според сопствените принципи.

И тоа не е само претстава за народот. Стариот фолксваген буба на Мухика е најверојатно еден од најславните автомобили во светот иако неговата одлука да не живее во луксузната претседателска палата не е единствена и најверојатно и неговиот наследник, Табаре Васкез, исто така ќе се реши да живее во сопствениот дом.

Но кога ќе го посетите „Пепе“ во неговиот минијатурен дом во преградието на Монтевидео ќе сфатите дека тој живее според тоа што го кажува.

Во интервјуто за „Би-Би-Си“ Мухика е зачуден што луѓето се изненадени од неговиот скромен стил на живот.

„Јас само живеам како мнозинството од мојот народ, а не како малцинството. Живеам нормален живот и италијанските и шпанските лидети треба исто така да живеат како нивните народи, не треба да се трудат да го копираат богатото малцинство“, кажал Мухика, поранешен левичарски герилец кој минал повеќе години во затвор за време на десничарските режими во 70-тите и 80-тите.

Мухика за време на својот мандат спроведе бројни важни социјално-економски закони како што е легализацијата на истополовите бракови, легализацијата на марихуаната и давањето право на абортус, а си заминува од позицијата со поддршка од народот од 65 отсто, што го прави еден од најпопуларните претседатели во светот.

На хуманитарен план неговата влада почна да прима сириски бегалци од граѓанската војна, како прва јужноамериканска земја што тоа го направила.

Мухика го препушта челото на земјата со релативно здраво стопанство и социјална стабилност за која можат само да сонуваат неговите големи соседи како Бразил и Аргентина.

Хозе Мухика и Табаре Васкез ѝ припаѓаат на истата генерација левичарски лидери кои владеат со голем број земји во регионот.

74-годишниот Табаре Васкез, кој ќе го замени, му беше и претходник на Мухика, беше претседател на Уругвај од 2005 до 2010 година, како прв левичар на чело на таа држава. Васкез беше убедлив победник на претседателските избори во ноември, со 56,6 отсто од гласовите. Тој е првиот политичар во Уругвај кој успеал да добие два претседателски мандати.

Мухика, кој ќе добие место во Сенатот, порачал дека со заминувањето од претседателската должност нема да се однесува како пензионер.

„Немам намера да бидам стар пензионер, да седам во ќоше и да пишувам мемоари, нема шанси“, му кажал тој на новинарот на Би-би-си, кој додава дека овој фасцинантен лидер останува да биде инспирација за многумина и потсетник дека бавењето со политика треба да биде скромна и чесна позиција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top