| четврток, 6 декември 2018 |

Димитровски: ВМРО-ДПМНЕ вети реални проекти во Кочани и ги исполни

ВМРО-ДПМНЕ се води од два принципи да ветуваме реални проекти, а не да говориме празни зборови, а потоа на тие проекти да работиме посветено за да ги реализираме, рече кандидатот за градоначалник на Кочани од коалицијата „За подобра Македонија“, Ратко Димитровски.

– Бевме фокусирани на реализација на нашата програма, која им ја ветивме на граѓаните пред 4 години, но во од’ решававме и проблеми кои се појавуваа пред граѓаните. Денес со гордост можам да кажам дека реализиравме 90 проценти од ветеното, а за тоа е доказ отчетот  што го подготвивме пред крајот на мандатот, а кој им беше поделен на граѓаните.  Морам да напоменам дека изминатите 4 години фокусот беше ставен на капиталните инвестиции, па така во буџетот на општината во 2012 години дури преку 50 проценти од средствата беа одвоени за таа намена, за разлика од буџетот на крајот на мојот претходник во 2009 , кога за капитални инвестиции беа предвидени едвај 20 проценти – рече Димитровски.

Димитровски рече дека во неговиот мандат било решено водоснабдувањето на жителите на Кочани и била обезбедена квалитетна вода за пиење. Било инвестирано во секој дел од градот и во населените места, биле асфалтирани голем број улици и се реконструирале училишта и детски градинки.

– Затоа денес имаме образ повторно да ја бараме поддршката на граѓаните. Ние и овојпат пред граѓаните излегуваме со реална и конкретна програма. Таа програма ја подготвивме изминативе 4 години заедно со граѓаните на Кочани. Во неа се предвидени проекти како одговор на нивните потреби, за секоја населба и секое населено место во општината. Во новата програма се обезбедува континуитет на успесите и работата. Ќе ги довршиме оние проекти кои ни преостанаа за дореализација и да ги претвориме новите проекти од програмата во нови дела кои ќе ѝ обезбедат развој и напредок на нашата општина – рече Димитровски.

Димитровски најави дека во новиот мандат се предвидуваат проекти за искористување на геотермална енергија за потребите на јавните установи и училиштата и детските градинки, како и во производство на електрична енергија, земјоделство, бански туризам и во спорт. Прераснување на Пониква во модерен зимски центар во целиот регион со што ќе се збогати туристичката понуда.  Општината Кочани ќе даде целосна поддршка за реализрање на проектот „Изградба на браната на Оризарска Река“ со што ќе се обезбеди евтина вода за пиење за повеќе општини и наводнување на 1.500 хектари земјоделско земјиште и ќе се создадат услови за изградба на 6-8 мини-хидроелектрани за производство на електрична енергија. Ќе се гради спортска сала во ОУ „Крсте Петков Мисирков“, а постоечкиот отворен базен во Кочани ќе се покрие и ќе се отвори на ватерполо центар во него.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top