Аргентински федерален судија ги отфрли обвинувањата против претседателката на Аргентина, Кристина Фернандес де Кирхнер, дека „прикривала важни сознанија“ за вмешаноста на Иран во терористичкиот напад врз Еврејскиот центар во Буенос Аирес во 1994 година.
Судијата Даниел Рефакас изјави дека ваквото решение го донел откако „внимателно и детално“ го прегледал извештајот на специјалниот иследник Алберто Нисман од 350 страници, што тој го изработи по безмалку десетгодишна истрага за нападот, во кој беа убиени 85 лица.
Десетина часа пред да сведочи пред Комисијата за безбедност на аргентинскиот Конгрес околу неговите обвинувања упатени кон претседателката Кирхнер и минисерот за надворешни работи, Хектор Тимерман, Нисман беше најден мртов во неговиот стан во Буенос Аирес.
Полицијата прво тврдеше дека Нисман се самоубил, пукајќи си во главата, но подоцна почна да трага по „можен убиец“ откако Кирхнер јавно изрази сомнеж во самоубиството на иследникот, иако претходно рече дека „не разбира зашто се самоубил“.
Федералниот судија Рефакас го затвори случајот за нејзината „одговорност“ врз основа на истрагата на Нисман.
– Нема докази дека спогодбата меѓу Аргентина и Иран постигната во 2013 година била причина за да се прикрива вмешаноста на високи ирански функционери во нападот од пред 20 години – изјави судијата.
Аргентинскиот министер за одбрана Агустин Роси ја поздрави ваквата одлука, нагласувајќи дека Владата „уште од почетокот знаела оти тврдењата на Нисман се без правна основа“.
Кирхнер претходно тврдеше дека Нисман бил „намерно и лажно насочен“ да верува во верзијата што ја користел во својот извештај и за тоа обвини делови од аргентинската тајна служба.
Подоцна, таа го искористи случајот со сомнителната смрт на Нисман за да ја распушти разузнавачка агенција на Аргентина и да формира нова служба. Оваа своја одлука,Кирхнер ја образложи со тврдењето дека во разузнавачката агенција имало премногу „елементи од времето на воената хунта“, без разлика што воената власт е урната уште во 1983 година.
Спогодбата од 2013 година што ја споменува Нисман во својот извештај, не беше прифатена од владата во Техеран, а никогаш не беше ни ратификувана во иранскиот Парламент. Иран од секогаш тврдеше дека нема ништо со терористичкиот напад врз Еврејскиот центар.
Аргентинската опозиција изрази сомнеж во одлуката на федералниот судија, обвинувајќи дека судството е партизирано и оценувајќи дека пресудата на Рефакас ќе придонесе „случајот Нисман“ уште повеќе ќе ја продлабочи кризата во земјата.
Стотина илјади демонстранти минатата недела протестираа во Буенос Аирес против владата на Кирхнер и бараа „правда за иследникот Алберто Нисман“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.