Вардар против Висла Плоцк во осминафиналето во ракометната Лига на шампиони. Дуел на две екипи што имаат метеорски раст во елитното натпреварување и во последните неколку изданија станаа значајни фактори во Европа. И битка меѓу двајцата пријатели и соработници од ерата на шпанскиот клуб Валјадолид. Мануел Каденас сега како кормилар на Висла против Раул Гонзалес, кој е главен стратег во Вардар. И сонародници од Шпанија и креатори на успесите на Валјадолид пред десетина години кога Каденас беше главен тренер, а Гонзалес му беше помошник.
– Станува збор за една многу силна екипа. Играат цврсто и борбено во одбраната, а ист е случајот и со играта во напад, каде што имаат моќна контра и полуконтра. Тоа го докажаа на последните натпревари на кои ги совладаа најголемите конкуренти во групата, што е доказ дека нивната форма е во нагорна линија. Во екипата го имаат левиот бек Мариуз Јуркович, кој според мене е еден од најдобрите ракометари. Тоа го знам од времето кога бев помошник тренер во Атлетико Мадрид. Тренер на екипата е шпанскиот селектор Маноло Кадењас, кој е врвен стратег. Сигурно е тоа дека ќе имаме два тешки натпревари, во кои ќе гледаме многу борба на двете страни – изјави Раул Гонзалес за клупскиот веб-сајт на Вардар.
Некогашното бронзено момче од Летните олимписки игри во Атланта 1996 година се претвори во врвен стратег кој мошне мудро го води Вардар кон европските височини. Овојпат ќе треба да го надмудри некогашниот учител Каденас, тренер со огромно реноме и со ореолот актуелен селектор на моќната Шпанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



