Либискиот Парламент, што е признат од меѓународната заедница и заседава во градот Тобрук, денеска одлучи да ја воведе функцијата командант на вооружените сили, пренесоа француските медиуми.
Парламентот усвои закон за создавање армиска раководна стриктура.
Претседателот на законодавниот дом, Агила Салех Иса, ќе го номинира идниот командант на либиските вооружени сили, кој пред пратениците ќе треба да положи заклетва.
Според либиски пратеник, законот е донесен за генерал Халифа Хафтар да се назначи за командант на армијата, чии сили веќе неколку месеци се борат со исламистичките групи во источна Либија.
Во мај 2014 година овој генерал од резервата ја почна својата кампањата против исламистите, наречена „Достоинство“. Првично кампањата се водеше во градот Бенгази.
Либиските власти првично го обвинија генералот за државен преврат, но откако коалицијата од разнородни милиции „Либиска зора“ ја презеде контролата врз престолнината Триполи, либиските власти му дадоа поддршка на генералот.
Во јануари либиските пратеници од генералот Хафтар, како и од уште 129 пензионирани либиски офицери, побараа повторно да се вратат во редовите на либиската армија.
Доколку Хафтар биде назначен за командант на армијата тоа ќе го усложни процесот на помирување затоа што Либиска зора е нагласено непријателски настроена кон него и ја исклучува можноста тој да има улога во евентуалното политичко надминување на либиската криза
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.