| четврток, 6 декември 2018 |

ГДОМ во Куманово: Името, идентитетот, историјата, територијалниот интегритет и целоста на Македонија не треба да се става на „коцка“

2Доста беа делби меѓу Македонците, доста беше омраза на брат со брат која не доведуваше и меѓусебно да се истребуваме. Македонија има приоритетни цели, но не она што е секојдневие во денешниот наш политички живот, истакна професорката Виолета Ачковска на вечерашната трибина на Граѓанското движење за одбрана на Македонија во Куманово.

Името, идентитетот, историјата, територијалниот интегритет и целоста на Македонија не треба да се става на „коцка“, потенцираше таа и затоа, ова Граѓанско движење треба да го одбрани македонското единство и сите здружени конечно да постигнеме национален консензус. Ачковска смета дека сите соседи околу нас имаат единство за прашањето за Македонија.

– Конечно и ние треба да ја поставиме нашата црвена линија. Единстевни зад нашето име, нашиот идентитет и се она што ја прави целоста на нашата држава, рече Ачковска.

1Политичкиот аналитичар Александар Пандов истакна дека кумановци секогаш кога се работело за одбрана на татковината застанувале први. – За жал Македонија сега повторно е нападната овој пат од внатрешен непријател со силна и сериозна поддршка на странски служби, а засилено медиумски со пари на Сорос кои се дадени за ширење на таа непријателска пропаганда, рече Пандов.

Македонецот повторно е доведен во ситуација да го брани идентитетот, името, својата држава, рече Пандов на трибината во Куманово. Сите сме сведоци дека овие неколку дена, посочи тој, еден од лидерите на таа коалициска опозиција најотворено со, како што рече, платеник од грчка служба го тргува нашето име, нашиот идентитет, тргува со она што е најсвето на секој еден од нас. Според Пандов, лидерот на опозицијата Зоран Заев, пак, се обидува да внесе страв и поделба кај Македонецот.  Порача дека и покрај обидите за поделба, ние сме Македонци и такви ќе останеме.

– На првата прес – конференција првата работа што ја пласира е дека 26.000 граѓани се прислушувани. Досега слушнавме за 10-15, а само да ве постетам на истата прес – конференција тој ја намали таа бројка на 20.000, рече Пандов.

На трибината се обрати и Миленко Неделковски, кој оцени дека лидерот на ВМРО ДПМНЕ, е профилиран човек кој има јасни ставови и агенда која јасно ја соопштува.

– Од спротивната страна имаме човек кој е аболициран од Бранко Црвенковски за „Глобал“ и ние како граѓани треба да се решиме кому да му ја поклониме довербата да ја води државата, рече Неделковски. Граѓаните, додаде тој, треба да направат анализа дали претседателот на СДСМ откако е присутен на политичката сцена понудил програма.

– Но затоа сме виделе говор каде што вели дека ќе ги избрка сите од чистачка до министер. Дали сме виделе јасна национална агенда, односно сме виделе дека вели дека мора да ја свиткаме кичмата, рече Неделковски. Од спротивната страна, според него, имаме премиер кој вели дека за кое било решение доколку воопшто излезе со посредништво од меѓународната заедница, меѓу нас и Грците ќе го праша народот. Според Неделковски, факт е дека странските служби се обидуваат да направат судир меѓу Македонците.

– Странски фактор сака да ни ја дестабилизира државата да ја уништи за после така уништена лесно да се справи, да се смени името, ако треба граница, општествено уредување, рече Неделковски. Сепак, Македонците, вели тој, веќе ја имаат научено лекцијата и народото не прифаќа лажење. Ги повика граѓаните на сплотеност и заедништво. За Неделковски борбата нема да биде лесна и посочи дека треба да се застане зад легитимно избрана влада и дека граѓаните нема да прифатат техничка влада.

На Македонија, беше посочено на трибината, и е потребна здрава, патриотска, силна опозиција, како насушен леб.  Професорот Александар Климовски рече дека граѓаните се изложени на психолошки терор кој доаѓа од центар на параноја, од страна на лидерот и потесното раководство на опозицијата.

– Наметнаа проблем со лиферување на противзаконски ленти, информации на тие ленти, со цел да создадат одредена тензија. Очигледно дека на таа партија и недостига политичкото здравје, рече Климовски.

Граѓаните, според него, не ги интересираат одредени стории, разговори во кои не може да се види ништо криминално. – Документите кои се пласираат немаат правна валидност, рече Климовски, кој појасни дека случајот има и правна и политичка димензија. Во однос на политичката, посочи Климовски, се работи за гола борба за власт со нелегитимни средства.

– Никаква вистина за Македонија, под таа парола со која настапуваат никаков патриотизам, напротив типично предавничко делување, особено ако се има во предвид фактот начинот на кој тие информации, тие ленти кои се употребуваат меѓу народот, како се добиени, а тоа се од странски служби, рече Климовски. Правната димензија си бара правна разрешница.

– Случајот е покренат од страна на премиерот против лицето З.З. Поднесена е кривична пријава за нарушување на уставен поредок и уцена, рече Климовски. Според него, станува збор за класична уцена.

– Сега сме во меѓуфаза кога Јавното обвинителство ги разгледува доказите, рече Климовски, но како професор истакна дека начинот на кој се добиени цедеата е нелегален, со што се губи валидноста на документите. Документите, според него, не можат да се употребат во судски процес за утврдување на криминали кои не се гледаат. Откако ќе се проверат, рече Климовски, од страна на Јавното обвинителство, тогаш може да се бара меѓунардона помош на ниво на техничка експертиза и ништо повеќе.

– Нема да не поништат. Се обидуваат да не уплашат. Не се плашиме. Тие се уплашени од македонштината што ја носиме, уплашени се од спремноста дека во секој момент можеме да застанеме зад браникот на сопствената држава, не размислувајќи дали ќе го дадеме животот за таа земја, рече актерот Тони Михајловски.

За нив, рече тој, повредно од Македонија е власта, а стравот што го шират е оружје и вода во која најубаво пливаат.

– Цело време не ставаат во списоци и тефтери. Нивните тефтери ми се доказ дека сум Македонец, истакна Михајловски. Најопасни, според него, се домашните предавници оти од нив најмногу страдаме. – Кој е тој човек кој го пушта своето дете да ја бие битката на возрасните. Тоа го гледаме сега со студентите, рече Михајловски и додаде дека сега се води умствена психолошка војна.

Во Кумановскиот театар, на крајот од трибината, актерот Петар Темелковски изведе дел од монодрамата за Јане Сандански.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top