Локалната самоуправа ги создаде сите потребни предуслови за изградба на нов откупен и дистрибутивен центар за земјоделски производи, посочи градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески.
– На ова место имаме завршен урбанистички план, тој е прифатен и целата постапка е завршена. Практично се работи за земјиште со површина поголема од 4 хектари, кое со маркицата е предвидено да биде голем откупен дистрибутивен центар за земјоделски производи. Тоа е идеја на месното население, на луѓето кои се занимаваат со земјоделство. Ова е многу значајно и сакам да ви кажам дека по давањето на условите очекуваме инвестиции, веќе имаме најавено една од Турција. Веднаш по изборите ќе бидеме во можност да го распишиме тендерот. Знаете, ова е државно земјиште, така што со завршување на постапката, очекуваме тој да биде изграден – изјави Талески.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, потврдија дека во Македонија постои голем интерес за инвестирање во вакви проекти и затоа се става во функција државното градежно земјиште. Во моментот значаен интерес за овој проект покажа инвеститор од Турција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.