Во врска со изјавата на Тачко Локвенец, би сакал да истакнам дека на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп немав никаква намера да повредам нечии чувства, особено не на Тачко Локвенец – стои во писменото соопштение од кабинетот на премиерот Никола Груевски.
Тој понатаму продолжува:
Останува фактот дека Тачко Локвенец, во весникот што самиот тој го уредува на насловната страна, весник и насловна страна кои градоначалникот Марјан Ристески јавно ги покажа на митингот, се има најпозитивно изјаснето за градоначалникот Марјан Ристевски, објавувајќи го насловот Марјан Ристевски градоначалник посветен за европски Прилеп. Надоврзувајќи се на овој факт, во мојот говор употребив хумор без никаква интенција да предизвикам повреда на нечии чувства, но доколку Тачко Локвенец се нашол повреден од тоа му се извинувам за нанесената болка.
Петходно новинарот Тачко Локвенец побара јавно извинување од премиерот Никола Груевски бидејќи се чувствувал навреден од изјавата на премиерот. Смета дека биле упатени навреди кон него и неговиот син.
-Валкано ме удри премиерот. Мавна ниско, под појас. Го направи тоа среде Прилеп, пред моите сограѓани, комшии, пријатели, колеги, пред моето семејство и моите деца, пред нивната мајка. Ни нанесе голема болка. За да го омаловажи син ми, се послужи со моето име и презиме кое го sидам 70 години. Замешал премиерот отров, впрегнал татко против сина си за пуста власт. Има ли поголем грев за еден човек кој има барем еден грам човештина во себе да каже такво нешто дека јас не сум го поддржувал син ми на локалните избори, туку неговиот противник. Не знам каде ќе му оди душата на Груевски за ваквата фатва кон мене и моето дете, ама веќе знам дека многу ниско паднал штом вака безочно лаже. И Груевски има деца, нека помисли малку како би се чувствувал некој да го пофали дека е мудар татко штом е против своите деца. Колку што е тој против своите деца, толку сум и јас против моите. Не му личи ова што го кажа во Прилеп. Срамота“, е ставот на новинарската легенда од Прилеп, Тачко Локвенец – чиј став е објавен во колумната Ерол Ризаов објавена во „Утрински весник“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.