| четврток, 6 декември 2018 |

Спасувајќи ја Грција, Германија и Европа се спасуваат себеси

258384_37625480Културата на еден народ и неговата историја, одлучува за неговата економска иднина. Само така понекогаш можат да се објаснат неуспесите на народот и државата. Грчката криза пред се е криза на грчката политика и политиката на ЕУ, а не криза само на нејзината економија. Пред неколку дена Џорџ Озборн, британски министер за финансии, најави дека Британија се подготвува за излегување на Грција од еврозоната.

Тој неуспех, можниот излез на Грција од еврозоната, еднакво треба да се припише на Грците, нивната историја, нивниот менталитет, нивните олигархии, раширената корупција (факелаки и миза), на нивните кусогледи политичари од двата табота, кои клиентелистички владејат со земјата откако во 1974 година беше симната воената хунта до пред некој ден; но и на инвестициските банкари на моќните банки од САД и ЕУ, како и на европските бирократи од Брисел, кои ја разубавуваа приказната кога Грција влегуваше во еврозоната и кои сега, со енергичното германско нејн, таа мала земја ја праќаат во провалија, а со тоа можеби и самата идеја за заедничката европска монета.

Како беше можно на една мала нефункционална економија да се позајмат 300 и повеќе милијарди евра, кога од почетокот се знаеше дека тоа таа никогаш нема да може да го врати?

АКО ГРЦИЈА БАНКРОТИРА, а тоа за сега е многу можно, со неа би можеле да банкротираат повеќе француски (75 милијарди), германски (35 милијарди) и италијански банки (39 милијарди), чија вкупна изложеност во тој долг изнесува речиси 170 милијарди евра. Економијата е закон на споени садови. Тоа очигледно добро го знае и Осборн, иако е министер за финансии во држава која не е членка на еврозоната.

Една од најголемите причини за проблемите на денешна Грција е токму Турција, поранешна Отоманска Империја, но и денешната турска држава. Грците беа окупирани од Турците 370 години, од 1458 до 1821 година и научија дека даноците т.е. арачот, што практично било она што Англичаните го нарекуваат такс, а посебно девсирме или паидомазома на грчки, давање на едно машко дете во турски јаничари, не е патриотски да се плаќа. Па ни денес Грците данокот не го плаќаат на својата влада во Атина. Данокот е лоша вест од грчкиот културолошки код и тоа е голем проблем на денешната грчка економија и грчкиот долг. Но и по многу други нешта денешна Грција многу повеќе е потомок на турскиот деспотизам, во кој се почитувал клиентелизмот и корупцијата, отколку на Перикловата Атина или Платоновите и Аристотеловите расправи за државата. Денешна Турција веќе долго влијае на пресушувањето на јавните финансии на Грција, бидејќи меѓу тие две членки на НАТО тлее скриена но повремено и отворена омраза, која ја зацртаа во трката за вооружување. Потрошувачката на оружјето и воениот буџет на модерна Грција е сразмерно најголема меѓу сите земји на ЕУ.

Грција зад Обединетите Арапски Емирати е најголем увозник на оружје во светот во споредба со силата на својата економија или со бројот на жителите. Грчката морнарица е голема како холандската, данската и норвешката заедно. Денес Германија, зад САД и Русија, е трет најголем извозник на оружје во светот. Кои се најголемите клиенти на германската индустрија на смртта? Турција со 14 проценти и Грција со 13 проценти. Грчката воена авијација и грчката морнарица се најдобрите клиенти на француската индустрија за оружје. Авионите Мираж на францускиот Дасау и фрегатата на француската компанија ДЦНС се најголем скорашен француски извоз во Грција и се голем дел од долгот на грчките банки на француските. Исто важи и за стотици германски тенкови Леопард и самоодни хаубици, меѓу кои предначи Краус Мафеи Вегман. Зошто толку се вооружуваат двете членки на НАТО?

За профит на германската и француската индустрија како и на нивните банки?

Овие денови, благодарение и на реториката на Атина и Берлин, грчката криза се гледа и како судир на тие две култури, на нивните ставови, судир на европскиот север и југ. Грците денес сметаат дека Германија и таа од Првата светска војна, која беше сојузник на Турција, и уште повеќе таа Хитлеровата од Втората светска војна, но денешна европска и демократска Германија, е еден од најголемите фактори за денешните грчки проблеми.

Грција во Втората светска војна изгубила 13 отсто од населението, процентуално повеќе од било која друга окупирана земја. Поради одземањето на сите резерви на храна од грчкиот народ во 1941 и 1942 година, за да се прехрани големиот германски воен строј, многумина умреле од глад. Во грчкиот парламент во 2010 година потпретседателот на тогашната влада Пангалос јавно рече дека нацистите го земале целото грчко злато депонирано во Грција во националната банка и никогаш не го вратиле. Алексис Ципрас, сегашен претседател на Владата, вели дека никогаш не биле платени репарациите и додава дека неговата влада ќе инсистира на тоа. Модерна Германија влијаеше на настаните во Грција со своите одлични деловни врски со грчките олигарси. Упатените велат дека трошоците за изградбата на атинскиот аеродром и неколкуте стадиони за Олимписките игри во 2004 година, а сето тоа го градеа големи германски компании, биле нетранспарентно зголемени од 6 на 16 милијарди евра.

Од нејзиното влегување во ЕУ, Германија кон Грција се однесуваше неоколонијално. Сименс, гордост на германската индустрија во 2008 година плати сто милиони долари и франци на американските и швајцарските власти поради корупција и купување на вносни договори за испорака на своја опрема на грчите телекомуникации ОТЕ и на болниците. Двете тогашни грчки политички партии и Нова Демократија и Пасок беа замешани во скандалот. Корупцијата беше докажана, а Германија која неодамна од петни жили се бореше за испорачување на еден хрватски удбаш, тогаш не сакаше на грчкото правосудство да го испорача Сименсовиот менаџер со двојно државјанство Мајкл Кристофоракос.

Сименс, откако го доби договорот со грчкиот ОТЕ од половина милијарда евра, плати миза од докажаните 35 милиони евра. Иако кинеската компанија Хаувеи нудеше иста опрема по 50 отсто пониска цена. Грчкото судство и денес ги бара тие луѓе на германската компанија Феростал, која на грчката морнарица под чудни околности испорача две подморници за 1,8 милијарди евра. Постои сомневање дека 5 отсто од тој износ завршил на сметката на грчкиот претседател.
Тогаш и Дер Шпигел пишуваше дека корупцијата во Грција е голема причина зошто Грција е во криза, а во тој ланец на корупција и тоа како учествувале големите германски корпорации.

Денешната влада на Ангела Меркел нема слух за грчките проблеми. Може да се тврди дека со полно право новиот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис денешниот германски економски систем го нарече примитивен меркантилизам. Ако САД, според неговата анализа, го создал Минотаурот кој ги рециклира вишоците на капиталот на глобално ниво, тој смета дека Германија во ЕУ се обидува да ги копира САД на погрешни премиси, за да стане европски Минотаур.

Германската индустрија денес е во постојана потрага за нови и сигурни пазари. Нови пазари бара во Азија, но таму се веќе Јапонците и Корејците. Од друга страна, политиката на еврото денес не е ништо друго туку политика на сигурна и силна поранешна германска марка, која пред се обезбедува мир во главите на Германците по хиперинфлацијата во вајмарската Германија пред Втората светска војна, која го доведе Хитлер на власт. Политиката на еврото е вишок капитал на големите германски корпорации кои во еврозоната обезбедуваат сигурен пласман на своите производи. Често тоа се прави со употреба на кредитните потенцијали на германските банки, кои се речиси една третина од вкупниот грчки долг, кредитирајќи го на грчкиот пазар растот на германската економија. Еврозоната е проширен германски пазар.

Она што порано германските компании го губеле во валутните разлики поради честите девалвации на националните валути, извезувајќи ги своите автомобили и машини во Италија, Грција, Шпанија и Португалија, денес останува во Германија. Грчката драхма во 80-тите и 90-тите во однос на германската марка девалвирала дури 85 отсто. Потоа германската марка, во евро издание ја замени драхмата. Економиите останаа исти, Германија благодарение на реформите на својот закон за труд и засиленото производство само напредуваше и доби на конкурентност.

Валутните разлики кои обезбедуваа конкурентност на домашната, грчката и останатата стока и нивните производи, денес не постојат. Еврото е златен стандард кој не погодува на инфлаторните економии, на тие кои во минатото токму на инфлацијата ја граделе својата конкурентност. Взаемната зависност на вишокот на капиталот и дефицитот на државата во еврозоната е видлива од секоја макроекономска бројка. Ниту една земја не профитираше од членството во еврозоната како Германија. Од 2007 година Германија генерира најголем трговски суфицит на светот, иако нејзината трговија со САД расте незначително, а со азиските земји има трговски дефицит.
Модерна Германија се чини заборава и дека и се преполовени или простени долговите од Втората светска војна. Одбива и своите вишоци на капитал (само на сметките на германските граѓани денес има 5000 милијарди евра) да ги пласира на пазарите на јужна и југоисточна Европа, иако САД по Втората светска војна со своите вишоци на капитал и тоа како ја подигна срушената и запалената економија на Германија и Јапонија. Денес не би биле ни Сименс, ни Бош ни ВМВ, ни Фолксваген да не беа американските пари и Маршаловиот план. Германија, се чини брзо ја заборави емотивната интелигенција на западниот свет која ја издигна од пепелот на поразената држава во Втората светска војна и денес егоистички држи предавања на Грција, иако со можниот банкрот на Грција самото евро ќе изгуби вредност можеби и 10 пати поголема од грчкиот долг.

Еврото секако е посебна приказна. Творците на еврото затворија очи пред грчката национална култура на корупција и клиентелизам. Можеби звучи неверојатно, но сите носители на јавни функции во Грција со закон се изземени од кривично гонење поради финансиски криминал, а во последните 30 години ниту еден единствен државен функционер не заврши во затвор. Наспроти тоа творците на еврото, една неразвиена, нефункционална економија во која речиси и нема правна држава и респект кон законите, со монетарната унија со најмоќните држави на Европа, ја катапултираа во клубот на богатите и развиените земји. Иако тоа Грција не беше никогаш, ако апстрахираме од неколку бродосопственици кои главно живееле во Лондон.

Дефицитот на јавните финансии кон критериумите на еврозоната максимално е 3 отсто. Грција секогаш била далеку од тоа ниво. Само платите и бенефициите во јавниот сектор во Грција годишно изнесуваат 13 милијарди евра. Додека во минатата деценија германските пензии стагнираа, грчките растеа од година во година за 3 до 4 проценти. Грција е она што економистите го нарекуваат rent-seeking општество, совршена бура на економски неуспех. Речиси до 2009 година, кога Пасок тогаш на власт, откри дека јавните финансии во Грција се лажирани, разликата во цената на грчките и германските државни обврзници беше минимална или воопшто ја немаше. Глобалните инвестициски банки, секако тие со најзвучни имиња, ги игнорираа основните кредитни фактори со само еден едниствен аргумент – членството во еврозоната, за да ја потврдат сопствената кредитна теза и на Грција да и одобруваат нови кредити и нови задолжувања. Така една од нив на милијарда евра кредит зема 300 милиони провизија.

Додека во специјалните извештаи на инвестициските банки во 2008 година можеше да се прочита фалењето на конвергираната грчка економија, пред падот на Леман Брадерс и Понзиевите шеми во САД, Грција всушност имаше високо ниво на јавниот долг, огромен трговски дефицит, прегломазен јавен сектор, милитантни синдикати, раширена корупција, неефективен даночен систем за наплата, пресилна валута и членство во еврозоната кое го доби поради успешното лобирање на грчките политичари и европските бирократи, врз основ на лажни податоци за јавните финансии.

Се сеќавам, во еден авион меѓу Атина, која тогаш пливаше во пари, тоа се чувствуваше на секој чекор.. и Лондон во јули 2008 година, само ден пред да почне да се руши пирамидата на светскиот финансиски систем, еден инвестициски банкар Грк ме убедуваше дека Грците се нови Евреи на христијанскиот свет.

Аргентина долго беше изучувана како пример на погрешна популистичка политика која низ децениите донесе перманентна монетарна нестабилност и која од некогаш богата земја се претвори во хиперинфлаторна и нефункционална економија. Таа Аргентина денес многумина ја споредуваат со денешна Грција. Во една студиска делегација, со моите колеги од Лондон Бизнис Скул и самиот престојував во Аргентина кон крајот на 2005 година. Тоа беше некаква округла маса со лидерите на аргентинскиот бизнис, Владата и банките. Посветена секако на аргентинскиот случај, на тој неуспех на една политичка економија, еден експеримент на политика на национален популизам, како и на погрешно ангажирање на глобалната финансиска индустрија од ММФ до инвестициските банки од Вол Стрит (кој сака да знае повеќе им ги препорачувам книгите And the Money Kept Rollin’ in (and out). Wall Street, the IMF, and the Bankrupting of Argentina).

Тогаш малку на шега малку сериозно реков дека таа заборавена колонија на Европа (99 отсто население се имиграција од Европа), ја спаси самото членство во Европската унија. Насмевката беше на лицата на присутните. Деновите кои доаѓаат ќе покажат дали и вистинската членка на ЕУ и на еврозоната може да се спаси пред се со политичка акција на клубот на кој сеуште припаѓа, која секако ќе биде проследена со пари од грчката централна банка чие седиште е во Франкфурт. Ако се случи тоа, тоа ќе биде доказ дека Адам Смит имал право. Во чисто пазарни економии, ако такви воопшто има, пред се делуваме од личен интерес. Така и европските влади, пред се Германија и Франција спасувајќи ја Грција, ќе ги спасуваат своите банки, својата индустрија, својата валута. А британскиот министер за финансии Џорџ Осборн и втор пат во својот мандат нема да биде во право.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top