Продавам „рено сеник“ со поминати 70.000 километри, цена 5.500 евра. Ова е оглас што привлекува внимание. 33-годишниот Иван А. се заинтересирал за возилото. Го посетил продавачот, кој тврдел дека го купил за татко му, повозрасен човек, кој многу ретко го возел автомобилот.
– Бев изненаден од малата километража. Само 70.000 километри, а произведено во 2007 година. Автомобилот беше многу сочуван. Човекот што ми го продаваше, втор сопственик, го купил од Германија. Ми дојде чудно. Го фотографирав бројот на каросерија. Следниот ден го проверив во овластен сервисер. Последниот податок за сервисирање беше во 2010 година, со поминати 170.000 километри – вели Иван.
Ова е само една од многуте измами со продажба на половни автомобили. Секогаш се наоѓа по некој оглас во кој се нуди ниска цена за „добро“ возило, а објаснувањето е слично – „се селам“, или „го купив за сопругата, па не го вози“, „беше на татко ми, ама има проблеми со видот, не може да вози“.
Не е тајна дека на автоплацевите во земјава, но и самостојните продавачи на половни возила се служат со „валкани трикови“ покажувајќи го возилото во значително подобра состојба од реалната. Електронски се лажира постоењето воздушни перничиња и нивната исправност, ги репарираат амортизерите, па дури и се случува да продаваат возило склопено од три автомобила. Тоа, велат познавачите, најчесто се прави во Бугарија.
Затворска казна за продавачот
Иако постои правна заштита, ретко кој се решава да поведе постапка. Законот предвидува дури и затворска казна за измамниците.
– Ние како адвокати многу ретко се сретнуваме со вакви случаи. Граѓаните, иако често се измамени, ретко се решаваат да поведат постапка. Многупати воопшто не знаат дека има законска основа да го гонат лицето што ги измамило – велат адвокатите.
Во членот 248 од Кривичниот законик, кој се однесува на измамување на купувачи, стои дека тој што со намера да ги измами купувачите ќе пушти во промет производи со ознака во која се внесени податоци што не одговараат на содржината, видот, потеклото или на квалитетот на производот или ќе пушти во промет производи што, според својата тежина или квалитет, не одговараат на тоа што редовно се претпоставува кај таквите производи или производи без ознака за содржината, видот, потеклото или квалитетот на производот кога ваквата ознака е пропишана, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
Адвокатите посочуваат дека е важно да се докаже дека лицето што го продава возилото знаело дека километражата е вратена. Во спротивно, ќе се смета за правна заблуда.
– Најдобро е во ситуација кога имате доказ дека километражата е вратена, веднаш да се обратите до надлежните институции и тие да го гонат сторителот по службена должност – велат правниците.

25 евра за помала километража
Вработени во овластените сервиси велат дека на 70 проценти од возилата што се продаваат на плацевите е вратена километражата. При секоја проверка се покажува дека автомобилот има поминато барем 100.000 километри повеќе од тоа што покажува. Во Германија летово почна постапка против ваквите измамници. Германскиот автоклуб АДАЦ објави дека неодамна една третина од половните возила продадени во Германија се поврзани со измами. Измамата многу тешко се открива, особено ако се манипулирани и документите на возилото. Посебно се погодни за манипулација автомобилите произведени по 2000 година, кога механичките броила на изминатите километри се заменети со дигитални.
Уреди за ресетирање на посочените броила можат да се набават за сума не повисока од 10.000 евра, а броилото се мести до саканата бројка за не повеќе од 30 секунди. Во последните години на пазарот се појавиле и вакви уреди произведени во Кина, кои можат да се купат и по многу пониска цена.
Познавачите на автобизнисот во земјава велат дека и кај нас, во Македонија, има можност за враќање на километражата. Според нив, цената на ваквата услуга чини околу 25 евра, а добивката е многу поголема. До пред некоја година за враќање на километражата во земјава се плаќало и по 100 евра, но со зголемување на „конкуренцијата“, цената паднала. Конкретно, за „фоксваген“ се користи уредот „вагтаху“.
Како да препознаете измама
Автомеханичарите велат дека има начин како да препознаете дали продавачот ви продава приказна или, навистина, ви продава возило. Единствен начин за утврдување на поминатата километражата е проверка во овластениот сервис.
– Не е важно дали автомобилот е купен во земјава или во странство затоа што сите сервиси се вмрежени, па возилото може да се провери според бројот на шасијата – советува еден автомеханичар.
Според него, лесно е да се утврди и дали автомобилот бил хаварисан. Тој вели дека местата каде што има кит и дополнителна боја може да се пронајдат со помош на магнет. Доколку поминувајќи низ каросеријата магнетот на некое место не сака да се залепи, значи дека тука има многу боја и кит, односно возилото било удрено на тоа место. И, секако, автомеханичарот советува возилото да го однесете на технички преглед – подобро е да платите 2.000-3.000 денари за технички преглед, отколку 5.000 евра за старо железо.
Треба да ја проверите и состојбата на внатрешните елементи. Излижани рачен менувач, управувач и педали покажуваат дека автомобилот има поминато многу. Но мора да се внимава да не наседнете на убава внатрешност. Нашиот соговорник вели дека тие внатрешни делови може да се променат за 200-300 евра, па автомобилот да изгледа како нов. Битно е да ги проверите амортизерите со нагло притискање на каросеријата над едното тркало. Ако возилото се занесе или се чуе метален звук, амортизерите се неисправни. И, секако, советот е – барајте пробно возење, а тоа направете го и на добар и на лош пат. Доволни се десетина минути за да проверите како влече автомобилот, како сопира и како забрзува.
За да проверите дали има наместено лажни воздушни перничиња, при давање контакт проверете дали се вклучува светилката за воздушни перничиња. Ако нема никаков сигнал, тогаш перничињата и воопшто ги нема во автомобилот.
(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 128. број на неделникот „Република“, 13.02.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шилегов и СДСМ удрија по сиромашните: Ќе забранам возење на постари автомобили! (видео)
-
Единствената жена-чевлар во Македонија е Катерина од Полска
-
Македонците и Италијанците на ист начин, страсно, го сакаат фудбалот
-
Моите пријатели знаат дека живеам во земјата на Александар Македонски


