| четврток, 6 декември 2018 |

Вештаци: И најбрза реакција на лекарите немало да го спаси Ангел, убодната рана била смртоносна

Според сведочењето на вештаците од судска медицина, убодната рана во градниот којашто му ја нанел обвинетиот Насер Ештрефи на матурантот Ангел Петковски била смртоносна и најбрза реакција на лекарите немало да го спаси момчето.

Смртоносниот убод бил длабок 14 сантиметри, а од раната на Ангел му биле рассечени меѓуребрените мускули, десното белодробно крило, дел од аортата и десната предкомора на срцето со што било предизвикано обилно крварење. На телото на момчето имало и рана на стомакот и нагмечувања, пренесе Макфакс.

И Обвинетиот Ештрефи имал телесни повреди во вид на нагмечувања и крвни подливи, но тие не биле опасни по неговиот живот.

Ангел Петковски беше убиен лани на 19 мај во инцидентот што се случи во скопската населба Ѓорче Петров. Според обвинителството, обвинетиот влегол во дворот од куќата на Петковски и го украл велосипедот. Младиот Ангел и татко му, Сашо Петковски, го здогледале, по што тој почнал да бега. По некое време, кај железниот мост на реката Вардар, што води кон Сарај, Ангел и Сашо го здогледале обвинетиот и го препознале, таткото тргнал накај него, а обвинетиот во моментот извадил нож од под појасот и го прободел Ангел. Татко му во обид да го одбрани пронашол дрвен стап и му нанел телесни повреди на обвинетиот.

Потоа, таткото заедно со повредениот син се упатиле накај Европската општа болница во населбата Ѓорче Петров да бара помош, но кога стигнале таму Ангел веќе им подлегнал на повредите.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top