| четврток, 6 декември 2018 |

Првиот добитник на „Ерго СУМ“ е Христо Петрески

hristo petreeski

Македонскиот писател, есеист, театарски критичар, Христо Петрески е првиот добитник на наградата „Ерго СУМ“ која оваа година за прв пат ја доделува списанието за уметност „Сум“ за најуспешни остварувања во театарската критика.
Петрески ја добива наградата за серијата објавени театарски рецензии во текот на 2012 година, односно за објавените осврти кон претставите: „Хасанагиница“, „Животот на Молиер“, „Хенри Шести“, „Госпоѓица Јулија“, „Енциклопедија на изгубеното време“, „Човекот перница“, „Генетика на кучињата“, „Декамерон“, „Јустинијан Први“, „Домот на Бернарда Алба“.
Наградата се состои во уметничка слика, статуетка и плакета, а ќе биде врачена утре на Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА во Скопје. Статуетката во иднина ќе се доделува традиционално за најдобри постигнувања во театарската рецензија, оваа година се врачува во пресрет на 27 март – Светскиот ден на театарот.
За овогодишниот добитник едногласно одлучило жирито во состав на Јордан Плевнеш, претседател на жирито, Блаже Миневски и Трајче Кацаров.
Петрески е инаку критичар, есеиет, писател, издавач и универзитетски професор. Поради неговите посебно нагласени афинитети за следење на театарската уметност, тој неодамна ја состави и публикуваше книгата „Македонска театарска критика“ во која се застапени вкупно 15 истакнати македонски театарски критичари.
На утрешната свеченост во ЕСРА ќе биде промовиран и најновиот број на списанието „Сум“ каде добитникот на наградата е претставен со театарски дневник од рецензии за петнаест претстави изведени во 2012 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top