| четврток, 6 декември 2018 |

Вељаноски се сретна со Вучиќ

­ Република Македонија и Република Србија имаат одлична парламентарна соработка, на која постојано се работи со меѓусебна размена на нови идеи и предлози, истакнал претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски на денешната средба со српскиот премиер Александар Вучиќ, кој е во посета на земјава.

Како што соопшти кабинетот на Вељаноски, тој го искажа своето задоволство од средбата при што нагласи дека ваквите средби претставуваат потврда за добрата билатерална комуникација која ја негуваат Република Македонија и Република Србија. Премиерот Вучиќ, се наведува, ги потенцираше добрите пријателски односи помеѓу двете земји, за што, според него, уште една потврда е денешната заедничка седница на владите на Македонија и Србија. ­

Премиерот Вучиќ го информираше претседателот Вељаноски за текот на разговорите и заклучоците од денешната заедничка седница на Владите при што биле потпишани неколку билатерални договори од различни области. Овие договори ќе дадат значаен придонес во подобрување на економската соработка за која двајцата соговорници се согласија дека е од исклучителна важност за двете држави и нивните граѓани, стои во соопштението.

Двајцата соговорници потенцираа дека двете држави треба да работат заеднички, особено во насока на остварување на една од приоритетните цели на државите, а тоа е, како што се наведува, интегрирањето на двете земји во Европската унија.

На средбата се разговараше и за актуалните случувања во двете земји и беше изразена отвореност и подготвеност за регионална соработка и продолжување на пријателството кое, се вели, постои помеѓу Република Македонија и Република Србија.

На денешната средба присуствуваа и потпретседатели и министри на Владата на Република Србија како и потпретседателите, координатори на пратенички групи и пратеници на Собранието на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top