
Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, која заедно со претставници од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот престојува во Јапонија, се сретна со Јукио Хамамото, директор за интернационална соработка во Министерството за економија, трговија и индустрија.
На средбата, како што соопшти денеска Сојузот на стопански комори, разгледани се можностите за интензивирање на соработката.
– Билатералната соработка и институционалното поврзување е од големо значење за успех и пробивање на компаниите од нашата земја на странските пазари. Сметаме дека тоа е најсоодветен модел за квалитетно воспоставување на темели за идна соработка – истакнала Арсовска.
Според неа, инвестициските можности што ги нуди Македонија се порта за влез и етаблирање на бизнисот на јапонските бизнисмени во европски рамки.
Од досегашните средби, јапонските компании и асоцијации пројавиле најголем интерес за инвестирање во земјоделството, производството на храна и вино и во автомобилската индустрија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


