| четврток, 6 декември 2018 |

И во Скопје ќе се одбележи кинеската Нова година

скопје

Кинеската Нова година ќе биде одбележана и во Скопје со богата културно-уметничка програма, најави денеска скопскиот градоначални Коце Трајановски по средбата со делегација на збратимениот град Нанчанг од НР Кина.

– Оваа посета денеска е во чест на прославата на кинеската Нова година, а оваа година, на наше задоволство, го одбраа токму градот Скопје во кој ќе ја прослават таа манифестација. Во таа чест вечер во 20 часот ќе има претстава во Македонскиот народен театар – истакна Трајановски.

На средбата се разговарало за досегашните активности што ги имаат двата града, како и за натамошната заедничка соработка. Трајановски информираше дека добил покана од градоначалникот на Нанчанг да го посетат нивниот град.

Заменик-претседавач на Постојаниот комитет на Народниот конгрес на Нанчанг, Жоу Шулинг, се заблагодари за, како што рече, топлиот прием во Скопје и појасни дека со делегацијата на Нанчанг е и културениот ансамбл на нивниот град кој вечер ќе настапи во МНТ во чест на прелетниот фестивал кој во Кина е најзначаен празник.

Амбасадорот на Народна Република Кина во Македонија, Зеншун Вен, изрази задоволство од односите што ги негуваат двете држави и дека овие денови жителите на Скопје ќе имаат можност да се запознаат со дел од богатата кинеска култура.

Вечер ќе се одржи музичка и танцова претстава на културниот ансамбл од Нанчанг, додека утре во 12 часот во Градскиот трговски центар ќе се одржи „Кинески пролетен фестивал во Скопје“ на кој присутните ќе можат да се запознаат со дел од богатата кинеска култура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top