– ВМРО-ДПМНЕ не предлага криминалци, луѓе што велат „Ајде да си ја свиткаме кичмата и да предадеме сѐ за што се борел овој народ“. ВМРО-ДПМНЕ не предлага криминалец што чека аболиција. Такви луѓе не ѝ требаат ниту на Македонија ниту на Струмица. Ние изминатиот периот немавме во Струмица човек со кој можеме да соработуваме, но направивме овде многу работи. Ветивме дека ќе донесеме компанија, ја донесовме „Агрокор“, која изгради агроберза, таа работи, ги откупува производите од земјоделците. Ќе продолжиме да работиме и да носиме и други. Во Струмица многу луѓе живеат од земјоделството. Даваме, историски гледано и неспоредливо со СДСМ, 135 милиони евра поддршка за земјоделците, тоа го немало никогаш – рече премиерот Никола Груевски на вчерашниот митинг во Струмица.
Тој смета дека е исклучително важно за оние кои ќе го поддржат Васил Пишев, да ја поддржат и советничката листа на владејачката коалиција. Вели дека е време во Струмица да дојде до промени.
– Време е човекот кој 8 години владее овде, да си замине каде сака, ако сака нека оди кај Бранко во Скопје, но да ја остави Струмица, во која секој ќе може да работи. Тој јавно кажа дека ако дојде на власт, сите од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги избрка од работа. За него не е важно колку е човекот чесен и работлив, за него е важно само дали гласале за него. Во секоја друга држава, човек кој ќе каже вакво нешто си заминува од политичката сцена. Се закануваше дека ќе јаде живи луѓе. Струмичани треба да знаат дека Струмица има голем буџет и може да изгради повеќе дела – рече Груевски.
Тој коментира дека секој може да стане бизнисмен со матни зделки, како што работи Заев. Обвини дека кај СДСМ личниот интерес секогаш е пред заедничкиот интерес.
– Од кланот Заеви возат најскапи автомобили. Но, тој не донесе ниту една сериозна инвестиција од странство, една фабрика нема изградено. Луѓето чекаат работа, тој им ветуваше, ама никој не гради, не создава. Бизнисмени доаѓаат, се распрашуваат, дознаваат дека тука има клан и еден главен човек. Луѓето не сакаат да се расправаат со кланови, си одат на друго место. Од Струмица си заминуваат разочарани. Затоа Заев треба да си оди, за инвеститорите да останат, да градат и да отвораат нови работни места. Пишев е човек кој ќе работисо нив, ќе ги натера да останат тука за струмичани да се вработат – порача Груевски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ спомена неколку ветувања на Заев кои не беа исполнети. Тој рече дека Заев не изградил ниту спортска сала, ниту гасовод, ниту цевковод, ниту фабрика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.