Македонскиот композитор и музичар Дуке Бојаџиев со години живее и работи во Америка, но еднаш годишно доаѓа во својата родна земја за да се види со пријателите и со роднините, но и да одржи концерт за да ѝ ги претстави на овдешната публика своите нови проекти. В петок ќе настапи во Македонската опера и балет заедно со Македонската филхармонија, а в сабота ќе има концерт во Центарот за култура во Битола. Дуке во светот веќе е познат како одличен композитор и музичар, кој соработува со големи ѕвезди, а негова музика е искористена и за големи рекламни кампањи на светските куќи, како „Лореал“, „Ланком“, „Пежо“, „Мерцедес“ и многу други. Има објавено седум студиски албуми, а негови песни се наоѓаат и на познатите компилации „Buddha Bar“, „Marrakech Express“ и „Chill out in Paris“.
Покрај ова, Бојаџиев работи и филмска музика, а неговиот последен проект е музичката подлога за филмот „До балчак“ на нашиот режисер Столе Попов. Последно завршено музичко остварување на Бојаџиев е соработката со американскиот режисер, оскаровецот Џонатан Деми, кој ги режираше: „Филаделфија“, „Манџурискиот кандидат“, „Вистината за Чарли“, „Кога јагнињата ќе стивнат“, на неговиот последен филм „Страв од паѓање“, каде што тој се појавува како композитор и музички продуцент.
Овој пат во Македонија Дуке настапува со концертот под наслов „Сон. Верба. Љубов“, а ќе бидат изведени и композиции од „Love is the way“, кој вели дека бил инспириран од неговата животна приказна, од Скопје до Њујорк, од раното детство до сегашниот момент.
– Во него се вткаени сите фази на мојата еволуција, како човек и како уметник – забележува Дуке.
Настапувал на многу реномирани светски сцени, но настапот на домашен терен за него е најголема возбуда.

Ве очекуваат два концерта во Македонија: во Скопје и во Битола. Со кого ќе настапите и кои и колку композиции ќе бидат изведени?
Бојаџиев: Во Скопје настапувам со Македонската филхармонија и носам три гости-солисти, мои редовни соработници. Исмаил Лумановски – кларинет, Крсте Роџевски – вокал и Матијас Кунцли – перкусии. Наратор на поезија ќе биде актерот Васил Зафирчев. Во Битола настапуваме како квартет. Ќе бидат изведени композиции од моето филмско творештво, од албумот Love Is The Way, како и премиерни дела од новиот албум „Сон. Верба. Љубов.“
Да се живее во САД и да се вметнува македонската музика во композициите е ризична работа во град во кој треба да се успее по секоја цена. Каков е приемот токму на овие етноелементи кај американската публика?
Бојаџиев: Ја вметнувам каде што има простор, не секаде, во зависност од потребите на проектот. Кога е вметната на вистинско место остава еден убав автентичен звучен печат. Многу често проектите на кои работам тука немаат простор за етноелементи.
Настапивте во „Карнеги хол“ и во Античкиот театар во Охрид… каде настапувавте во меѓувреме? Каква е Вашата агенда за годинава?
Бојаџиев: Во меѓувреме имав настапи низ Њујорк, бев зафатен со филмски проекти, и долго го подготвував оркестарскиот материјал за претстојниот концерт со Македонската филхармонија. Планирам да продолжам настапи во тој стил, со камерниот оркестар на Македонската филхармонија планираме концерт во „Карнеги хол“ подоцна годинава.
Најавивте нов албум. До каде е подготовката на материјалот?
Бојаџиев: Материјалот ќе биде готов како албум во тек на годинава, во завршна фаза е. Добар дел од композициите ќе бидат премиерно изведени на концертите што следуваат.
(Разговараше: Невена Поповска | Фото: Александар Ивановски
Текст објавен во 128. број на неделникот „Република“, 13.02.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


