| четврток, 6 декември 2018 |

Не тргнаа возовите од Скопје за Велес и за Битола

Патничкиот железнички сообраќај во Македонија од попладнево е во прекин поради бојкотот на машинскиот персонал во „МЖ Транспорт“. Од железничката станица во Скопје информираат дека не сообраќаат возовите на релацијата Скопје – Велес и Скопје – Битола предвидени во 13.20 часот и во 14.30 часот. За останатите возови предвидени со возниот ред, како што велат, треба да добијат дополнителни насоки.

Машиновозачите, според одлуката за бојкот, барат потпишување колективен договор, почитување на Законот за работни односи во делот на исплата на плата и на пресметката на бенифицираниот стаж, како и техничка исправност на железничките возила и безбедност во железничкиот сообраќај.

Бојкотот почна вчера со намалување на обемот на товарниот превоз, а по неуспешната средба денеска претпладне со раководството на „МЖ Транспорт“ синдикатот ја реализираше одлуката за прекин и на патничкиот сообраќај.

Петседателот на Независниот синдикат на машинскиот персонал на Македонија (НСМПМ), Душко Чакаровски, изјави дека ќе почнат со работа откако ќе бидат примени од министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и ќе постигнат договор за поставените барања. Во организацијата на штрајкот се вклучени и Независниот синдикат на машиновозачите на Македонија (НСММ) и Синдикат на машиновозачите на Македонија (СММ).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top