Најдобриот македонски ракометар Кире Лазаров потпиша нов договор со Барселона во важност до крајот на сезоната 2016/2017, што значи дека Лазаров останува во каталонскиот гигант уште две години.
По фантастичните игри кои ги пружи за клубот откако премина во редовите на Барселона, а тоа е една и пол година, на заемно задоволство верноста е продолжена.
Одличната минатогодишна сезона, во која тој и клубот освоија пет трофеи, беше заокружена со перфектната статистика на Македонецот.
Тој беше прв клупски стрелец и во АСОБАЛ-лигата и во Лигата на шампионите, каде што Барса го освои третото место. И во есенскиот дел од тековниот шампионат, Лазаров е „ударна игла“ на каталонскиот тим и тоа не остана незабележано од клупската управа, која дури и му понуди подолг договор од првиот.
Лазаров имал повеќе понуди од други европски гиганти, но никогаш не размислувал за промена на средината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.