Секторот за внатрешни работи Охрид, во согласност со законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, до Основниот суд од Охрид поднесе предлог, на лицето М.K.(34) од Oхрид, како заштитни мерки да му се изречат: забрана за заканување дека ќе стори семејно насилство, забрана за малтретирање и вознемирување на неговата сопруга, задолжително лекување од алкохолизам и задолжително лекување од психичко заболување.
По прифатениот предлог и според донесеното решение од Основниот суд Охрид, мерките ќе траат една година, а ќе бидат спроведувани од страна на СВР Охрид и подрачните медицински установи во Охрид при Министерството за здравство.
Предлогот, СВР Охрид го поднесе откако на 14 минатиот месец, М.К. видно под дејство на алкохол, вербално ја навредувал својата сопруга и ѝ се заканувал дека ќе ја убие, по што физички ја нападнал влечејќи ја за облеката и удирајќи ја со тупаници. Настанот се случил во еден хотел во Охрид при организирана прослава на празникот Св. Василиј Велики. По извршено алкотестирање, кај М.К. констатирани биле 2,75 промили алкохол во крвта.
Инаку, предлогот со заштитните мерки, СВР Охрид го поднесе со цел превенирање и заштита на жртвите на семејното насилство, почитување на основните човекови права и слободи, животот, личниот интегритет, недискриминација и родова еднаквост со должно внимание на интересите и потребите на жртвата
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.