| четврток, 6 декември 2018 |

Граѓанското движење за одбрана на Македонија со голема поддршка во Кавадарци

kkavadarciiiiiiiiiПоддршка на Граѓанското движење за одбрана на Македонија денеска дадоа и голем број граѓани на Кавадарци, интелектуалци, педагози, актери, јавни личности, пензионери, оценувајќи дека активностите на лидерот на опозицијата имаат за цел дестабилизација на државата, а заради нелегално доаѓање на власт.

– Ја поддржуваме платформата за одбрана и будност на граѓаните против поединците, групите и партиите кои се понесени од својата алчност за власт и не бираат средства и ги поткопуваат темелите и одземаат слободата на државата, рече Киро Урошев, кој е претседател на Граѓанското движење за одбрана на Македонија од Кавадарци.

Тој нагласи дека се незадоволни од последните случувања во нашата држава и од тоа што се прислушувале илјадници граѓани од странските служби, за потоа материјалите да ги искористуваат за внесување раздор и незадоволство во земјава.

– Се приклучуваме и му даваме целосна поддршка на Граѓанското движење  за одбрана на Македонија. Ова не го зборуваме од никакви политички побуди,  туку како луѓе кои согледуваат дека сето ова има една и единствена цел – дестабилизација на Македонија. Затоа повикуваме да не се дозволи тоа и апелираме до сите граѓани да дадат целосна поддршка, без оглед на нивната партиска и друга определба, рече претседателот на локалното здружение Киро Урошев, пренесе МИА.

Претседателот на Извршниот одбор на Здружението на пензионери Ристо Анѓушев ја поддржа платформата од име на кавадаречките пензионери.

– Се приклучуваме како пензионери со поддршка за оваа платформа. Опасна работа е тоа што го прави. За да дојде на власт ги жртвува животите на граѓаните, рече Анѓушев.

Тој нагласи дека власта се добива на избори, а дека Заев ги изгубил изборите веќе неколку пати.

– Наместо да ги признае поразите како многу други политичари од странство кои се повлекуваат по изгубени избори и работат за да му понудат на народот резултати, тој бара помош од странски служби за да ја урне власта, која легитимно ги доби изборите, посочува Анѓушев и додава дека „никој од надвор не може да ни ги реши проблемите како што очекува Заев“.

Граѓанското движење за одбрана на Македонија вчера доби поддршка и во Битола и Велес, а завчера во Охрид, Прилеп и Штип, пренесе МИА.

Платформата на ова движење  се формираше минатата недела во Скопје од група интелектуалци, актери професори и други јавни личности за одбрана и будност на граѓаните против, како што наведуваат, „поединците, групите и партиите кои се понесени од својата алчност за власт и не бираат средства, ги поткопуваат темелите и одземаат слободата на државата“.

Движењето е предводено од професорката Виолета Ачковска, драматургот и писател Бранислав Димитров Бато, Сашо Гигов Гиш, актерите Зоран Љутков, Тони Михајловски, Ванчо Петрушевски, со поддршка на синдикалецот Дојчин Цветановски, фудбалската легенда Илија Најдовски, деканот на ФИНКИ Димитар Трајанов. За краток период ова движење доби широка поддршка и се приклучија здружението на пензионерите, моторџиите преку здружението Ноќни волци, како и најголемото здружение на бранители Бедем.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top