На денешната прес-конференција во просториите на СЦ „Јане Сандански“ проект-менаџерот од канцеларијата на Сергеј Самсоненко, Ратко Чипушевски, го претстави проектот на вардарци што ќе се гради во Градски парк веднаш до арената „Филип Втори“.
Во проектот се предвидени три фудбалски игралишта, шест гардероби, предавална за теоретска настава за дечињата, канцеларии за академијата и клубот, фан шоп на Вардар, кафетерија надополнета со ресторан за родителите на дечињата.
– Како проект-менаџер во канцеларијата на господинот Сергеј Самсоненко сакам да потенцирам дека нашата компанија се јави на транспарентен оглас за купување на државно земјиште каде како единствен понудувач на електронска аукција се стекна со сопственост на парцела во градскиот парк каде согласно ДУП во општина Центар е Д3, односно спорт и рекреација. Нашата групација преку Компанијата СИС Балкан која е првата компанија во Македонија основана од г-динот Сергеј Самсоненко пред цели осум година имаме за цел инвестирање во фудбалски центар за дечиња до 12 години кој ќе биде во функција единствено за фудбалскиот клуб Вардар. Проектот и изведбата на објектот ќе се реализира преку Балкан Констракшн груп, која е исто така сопственост на г-динот Самсоненко. Овој проект од општествено-социјален аспект е корисно јавно добро за развој на спорт и спортска инфраструктура. Ние на оваа парцела ниту ќе рушиме држава, ниту ќе копаме земја, ниту ќе ја загадуваме животната средина, напротив, дечињата до 12 години во оваа држава ќе добијат модерни и современи услови за тренинг. Во проектот се предвидени три фудбалски игралишта, шест соблекувални, предавална за теоретска настава за дечињата, канцеларии за академијата и клубот, фан шоп на Вардар, кафетерија надополнета со ресторан за родителите на дечињата. Компанијата на г-нот Самсоненко на оваа парцела освен придонес за младите и спортот како и подигнување на нивото и стандардот на клубот на оваа парцела, нема никаков финансиски интерес ниту, пак, ќе реализира бизнис интереси“ – изјави Ратко Капушевски.
– Денеска младинските категории на Вардар бројат над 3.000 деца. Овие наши младинци за да се трансформираат во успешни спортисти, заслужуваат квалитетни услови, а фактичката состојба на парцелата е мизерна и очајна. Децата немаат соблекувални, а во зимските временски услови родителите чекаат во автомобил, а оние кои го немаат, се спречени да ги носат своите деца на тренинг. Јас лично како граѓанин на оваа држава не можам да сфатам како може човек кој е градоначалник и треба да го поддржува спортот, да дава изјави какви што не пласирал ниту еден градоначалник па дури и оние од руралните средини. Ние како групација имаме директен предлог до градоначалникот. Во рок од 30 денови нека се потруди да најде инвеститор кој ќе вложи 550.000 евра за купување на земјиштето и дополнителни 2 милиони евра за градење на проектот, а ние ќе го донираме нашиот проект и ќе бараме друга локација каде што ќе го реализираме. 550.000 евра не се малку пари за купување на парцела за фудбалски игралишта драг Градоначалник, а се чудам на вашите изјави кои се косат со средбита каде Вие лично кажавте дека го поддржувате проектот и целосно ќе застанате зад него. Ние не направивме ништо да ја рушиме државата и шетата е да на сметка на човекот кој ги реализираше најголемите инвестиции во спортската историја на Македонија се препишуваат вакви изјави – дополни Капушевски.
Извршниот директор на ФК Вардар, Самоил Симев, нагласи дека изградба на академија на ФК Вардар за дечиња до 12 години каде што секојдневно професионално ќе тренираат и воспитно ќе се образуваат преку 1.000 дечиња, е само во интерес на Македонија и фудбалот во неа.
„Моменталните услови се далеку од нивото кон кое ние како менаџмент стремиме. Зборуваме со родителите, ги слушаме проблемите со кои се соочуваат и поучени од претходните проекти, решивме да инвестираме за почеток кај најмладите, и дека науката докажа дека во таа возраст се создаваат поголемиот процент од врвни фудбалери. Сето ова што е наведено не значи раскрчмување на државниот имот, туку подигнување на спортската култура и работење во услови за кои сонуваат и најголемите клубови во светот“ – изјави Вангел Симев.
фото: фквардар.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.