Многу полемики предизвикаа настапот и сензацијата што ја приреди селекцијата на Катар на ракометниот мундијал чијшто домаќин беше. Организаторот на шампионатот со „шарен“ состав и со многу ракометари што не се родени во Катар го освои сребрениот медал. Жарко Марковиќ, Даниел Шариќ, Рафаел Капоте, Елдер Мемишевиќ и уште петмина влијателни интернационалци играа за најбогатата држава на светот иако претходно имаа многу малку или воопшто немаа допирни точки со Катар. И секако не се родени таму.
Со купен тим од искусни интернационалци, предводен исто така од странец, селекторот Валеро Ривера од Шпанија, освоен е историски медал, сребрен и прв за неевропска земја на ракометниот мундијал. Велат, целта ги оправдува средствата, а Катарците вложија многу. И во тимот и во организацијата на мундијалот. Дозволено или не, главниот фактор во светскиот ракомет, Интернационалната ракометна федерација (ИХФ), го премолчи процесот на создавање вештачки состав на Катар. Дури и вешто го префрли топчето на националните федерации по завршувањето на шампионатот, со што индиректно го аминува интернационализирањето на националните селекции како нешто нормално во светот на спортот.
– Ние сме дел од Советот на ИХФ, а за овие работи се одлучува на конгресот на федерацијата. Не смееме да се мешаме во нивната одлука. Треба да прашате во вашите матични ракометни федерации за евентуална иницијатива и за разговор на оваа тема – изјави Хасан Мустафа, претседателот на ИХФ.
Опасна игра на зборови во речникот на ИХФ
Со вешта игра на зборови, проектот „Катар“ доби зелено светло. Ќе стане ли исклучокот што го направи пребогата земја со купување речиси комплетен интернационален тим правило во спортот или само ќе потврди дека е изолиран случај што го потврдува правилото во националните репрезентации да играат ракометари од домицилната земја. Или, како во случајот на Македонија, да има незначителен број странци. За нас на Светското првенство во Катар играа Србинот Немања Прибак и Словенецот Ренато Вугринец, кои добија македонски пасоши по експресна постапка.
– Целиот свет ни се смее. Да, на ракометарите и на сите што на некој начин се инволвирани во оваа убава игра. Го споивме клупскиот со репрезентативниот ракомет и отидовме во сосема непосакувана насока. Смешна е мисијата на вештачки начин да правиме од ракометот спорт од глобални размери – вели еден од најдобрите балкански познавачи на ракометот, Жика Богдановиќ, во колумна за „Балкан хендбол“.
Сосема спротивно реагираа репрезентативците на Катар, кои не се родени во оваа земја, ниту некогаш претходно играле таму. Ним не им смета чудниот тек на настаните. Голем дел од симпатизерите на ракометната игра, па и стручњаците, ги обвинуваат дека за пари ја продале сопствената национална гордост. Голманот Даниел Шариќ е член на Барселона, роден е во Добој, БиХ, а досега настапувал за три различни земји. Тој беше дел од репрезентацијата на Србија, и на БиХ, а сега е сребреното момче на Катар. Во ракометот постои опција да паузирате одредено време (3 години) и потоа да настапувате за друга репрезентација. Тоа правило е опасно за интернационализација на националните селекции, пример што пребогатите Катарци го презентираа и применија со помош на парите.
– Јас немам проблем да бранам за Катар. Следна цел ми е со оваа селекција да играм на Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро. Едвај го чекам моментот да бидам дел од дебито на Катар на ваков настан – изјави Шариќ по завршувањето на мундијалот.
Правилата лесно се менуваат со пари
Ракометот е на опасна крстосница, а прашањето е дали случајот „Катар“ може да предизвика домино-ефект и во останатите спортови.
Ценетиот англиски фудбалски стручњак Хари Реднап пред извесно време најави таква можност и во најпопуларната игра на светот. Тој е голем противник на преголемиот број странци во клупскиот фудбал во Англија.
– Репрезентацијата на Англија страда од преголемиот број странски фудбалери во Премиерлигата. Немам ништо против странците, но мора да си го заштитиме најпопуларниот спорт кај нас. Немаме успеси на големите натпреварувања, а еден од факторите, секако, е податокот што сè помалку шанса за настап во клубовите добиваат англиските фудбалери. Талентите не ни се развиваат во посакуваниот правец бидејќи сѐ помалку играат во Премиерлигата. Ако не се реагира навреме, очекувајте и репрезентацијата на Англија наскоро да биде интернационална – предупреди Реднап.
Сепак, во фудбалот и во кошарката, како најпопуларни спортови со топка, засега има строги правила кои не дозволуваат интернационализација на националните репрезентации. Само по еден играч што не е роден во земјата може да настапува за друга држава. Втората брана за реприза на катарскиот проект е правилото да се забрани настап за втора репрезентација, ако веќе играчот настапувал за некоја земја. Во фудбалот не може да се паузира извесен период, па да се облече дрес на друга национална селекција како во ракометот.
И, многу различно е да имате играчи што се родени, на пример, во Германија или во Франција, а не се Германци или Французи по националност, а сосема е поинаку да ангажирате странец во националната селекција што никогаш не играл во таа земја, ниту е роден таму.
Сепак, изолирани обиди да се најдат „дупки“ во законот и во правилниците со разноразни трикови има и во фудбалот и во кошарката. Најчесто се измислуваат некакви врски на играчот со потеклото на неговите родители или генерации пред нив со земјата која има намера да го вклучи во својот состав. Актуелен е примерот на Аднан Јанузај, талентираниот фудбалер што настапува за Манчестер јунајтед. Роден е во Белгија, родителите му потекнуваат од Косово, а во трка за неговите услуги беа Косово, Албанија, Белгија, Хрватска и Англија. Сите со свои сметки и докази за потекло на играчот, со цели досиеја за корените на неговите родители и со желба да го приграбат 19-годишниот талент во својот табор. На крајот Јанузај одлучи да игра за Белгија и веќе не ќе може да настапува за која било друга земја. Веројатно, сѐ додека не се најде некој пандан на челниците на ИХФ кој ќе го смени правилото на игра и во име на глобализацијата ќе дозволи да се повтори случајот „Катар“ од ракометот.
Засега фудбалот и кошарката се имуни на интернационализацијата на националните тимови, а скапиот проект на Катар останува само изолиран исклучок што го потврдува правилото.
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 127. број на неделникот „Република“, 6.02.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.